Сподели! ;)

Едно од најлегендарните имиња во модерната историја на автомобилите – Evolution – ќе се врати на Саемот на Автомобили во Токио со концептот кој Mitsuibishi го нарекува e-Evolution!


Почитувачи на животот и делото на Mitsubishi Lancer Evolution и вљубеници во бензинот – ве замолуваме, насочете го погледот на друга страна.

Јапонскиот производител објави нови информации и неколку најавни фотографии за концептот кој ќе го претстави на домашниот авто-салон. Според најавеното, она што ќе го видиме е „електричен кросовер со високи перформанси.“ Во време кога популарноста на кросовер и SUV моделите е во незапирлив пораст – ова и не е толку неочекувано. Всушност, токму Mitsubishi го врати Eclipse името во употреба со – погодувате – уште еден кросовер.

Концептот кој Mitsubishi ќе го претстави во Токио „ги комбинира најдобрите технологии од Mitsubishi Motors со флексибилноста на SUV моделите.“ Електричниот концепт ќе користи три електромотори – еден на предната оска и два на задната. Сите системи за асистенција ќе бидат електронски-контролирани и Mitsubishi најавува спортско и динамично управување.

Еден од најважните новитети е систем за вештачка интелигенција кој ги процесира разликите во условите на патот и во сообраќајот, како и намерите на возачот, и ги координира командите од возачот со перформансите на возилото. Дополнително, системот би требало да може да ја „обучува“ личноста зад воланот да биде подобар возач преку гласовна интеракција и големиот дисплеј. Ако некогаш сте возеле со совозач кој цело време коментира и го критикува вашето возење – знаете дека ова можеби и не е најдоброто решение.

 

Сепак, останува да бидеме трпеливи и да видиме што ќе ни покаже Mitsubishi во Токио.