Сподели! ;)

BMW претстави ново електрично возило на автомобилскиот саем во Франкфурт, кое ќе се позиционира помеѓу i3 и i8 и ќе го предизвика Tesla Model 3.

Германскиот бренд потврди дека i Vision Dynamics ќе излезе во производство, но не прецизираше точно кога ќе се случи тоа. Производителот не објави детали за техничките спецификации на возилото, но објави дека ќе забрзува од 0-100 км/ч за под четири секунди, ќе достигнува максимална брзина од над 200 км/ч и ќе има опсег на возење од околу 600 километри.

Исто како X7 iPerformance Concept, i Vision Dynamics има големи предни бубрези, но бидејќи се работи за целосно електрично возило, тие се само стилски елемент и не претставуваат решетки за ладење на погонската единица. Покрај нив на предниот дел се наоѓаат и тенки LED предни светла и преден браник со единствени отвори за ладење на сопирачките.

Гледан во профил, моделот потсеќа на помодерна Gran Coupe изведба од Серија 3. Како и кај другите концепти, традиционалните странични ретровизори се заменети со камери, додека тркалата се дизајнирани со максимален акцент на аеродинамичноста. На задниот дел, автомобилот добива тенки и широки LED светла и релативно едноставен дизајн на браникот.

Според BMW, главната цел за создавањето на концептот i Vision Dynamics е да прикаже во која насока ќе се движат идните електрични модели на брендот.