Сподели! ;)

Концептот за нов електричен хечбек на Mercedes-Benz – позади кој стои македонскиот дизајнер Славче Таневски – официјално беше претставен во Франкфурт!


Новиот концепт на Mercedes-Benz е првиот припадник на EQ семејството во Ц-сегментот. Концептот го придвижуваат два електромотори кои нудат погон на сите четири тркала и нудат повеќе од 270 коњски сили.

Дизајнот – кој со гордост можеме да кажеме дека е дело на македонскиот дизајнер Славче Таневски – е еволуција на Sensual Purity пристапот на Mercedes-Benz и ги заменува острите линии со меки, вајани форми кои ја истакнуваат динамичноста на моделите. Црниот панел на предниот дел е своевидна „виртуелна“ маска на ладилникот и се менува во зависност од одбраниот режим на работа – во „Sport“ наликува на огнено крило, додека во „Sport Plus“ се трансформира во вертикални линии налик Panamericana маската која брендот ја нуди кај други модели.

Славче ни зборуваше за предизвиците пред кои се наоѓа автомобилската индустрија, и какви се промените кои нè очекуваат:

„Многу е возбудливо и предизвикувачки кога се наоѓате пред голема промена. Токму таква промена се случува во автоиндустријата. Начинот на користење на возилата, car sharing, автономно возење, електро-погон… Предизвици кои бараат нова концептуална интерпретација на автомобилот, како и формална, естетска трансформација. Дали автомобилот сеште треба да биде скулптура која буди емоции и привлекува или само обичен секојдневен утилитарен предмет? Овие прашања ми беа поставени точно пред 9 месеци. Одговорот го дадов во форма на Concept EQA. Почнав буквално од празен лист хартија. Тоа не се случува често. Сонот да го пренесете на хартија и тој да биде реализиран без никакви компромиси.“

Понатаму, со Славче зборувавме токму за дизајнот на неговото дело:

„Електровозилото на иднината е секси. Има привлечна и моќна појава на патот. Стои самоуверено и стабилно на 20-инчни тркала. Формата е излиена од мазно скулптуриран (seamless) волумен како кај летачка чинија. Формалните елементи се редуцирани. Маската и фаровите се слеани во една единица (black panel) со додатна димензија-дигитализирани. Истото се случува и со предниот поклопец, ветробранското стакло, задното стакло и задните светла, поврзани меѓу себе со цел гаџет-модерен хај-тек изглед. Сето тоа спакувано во компатна и спортска силуета.“

„Со новиот Mercedes-Benz Concept EQA се забрзува нашата електрична иницијатива – до 2022-рата година Mercedes-Benz ќе има повеќе од 10 целосно електрични модели на пазарот“ – изјави Dr. Dieter Zetsche од Daimler.

Со едно полнење батериите со капацитет од 60 kWh нудат автономија од околу 400 километри, а според Ola Kallenius од Daimler, прогресивниот концепт на EQA комбинира динамичност со одлична автономија која е идеална за секојдневно возење.