BMW го освежи електричниот i3 и додаде поспортска верзија со ознаката i3s – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

BMW го освежи електричниот i3 и додаде поспортска верзија со ознаката i3s

Баварскиот производител го освежи малиот електричен i3 и му даде подинамичен, поагресивен лик – а дел од освежувањето е и верзијата ориентирана кон перформансите која ја носи ознаката i3s.


Дискретното освежување на i3 носи нови браници, детали во сјајна црна боја, стандардни LED предни светла и уште некои ситни измени. Новиот i3 ќе добие и две нови бои – Melbourne Red и Imperial Blue. Во кабината ќе може да се добијат некои нови материјали, и сега ќе се вградува најновата генерација на BMW iDrive интерфејсот кој користи 10-инчен дисплеј и напреден систем за препознавање на гласовни команди.

Сепак, најважен новитет е „спортската“ варијанта на i3 која ќе се вика едноставно – i3s. Ако стандардниот i3 има на располагање 170 коњски сили и 250 Nm вртежен момент, i3s располага со 185 коњски сили и 270 Nm вртежен момент – доволно за „стотка“ за 6.9 секунди и максимални 160 километри на час (односно 7.3 секунди и 150 километри на час кај стандардната верзија).

Дополнително, i3s има 4 сантиметри поширока трага и е 1 сантиметар поблиску до подлогата. Спортската суспензија вклучува ревидирани пружини и амортизери, како и стабилизатори, а i3s добива и уникатни, 20-инчни тркала кои се пошироки од оние кај стандардниот i3. Секако, има измени и на надворешноста, која е забележливо поспортска. i3s ќе понуди и Sport режим на возење кој го затегнува управувањето и ја подобрува реакцијата на притискањето на педалата за гас.

Автономијата на електричниот i3 останува непроменета – односно може да помине 183 километри со едно полнење. Со новиот кабел кој може да се купи, полнењето на батериите трае само три часа, а доколку одлучите да ја купите „хибридната“ верзија која користи бензински мотор како агрегат за полнење на батериите, ќе можете да поминете дополнителни 150 километри.

Поврзано:   Во салонот на BMW во Скопје пристигна новиот X2

Дебито за освежениот i3, како и новиот i3s е закажано за саемот на автомобили во Франкфурт.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.