РСБСП Советува: Почитувајте ги правилата, прописите и сигнализацијата и патувајте безбедно! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

РСБСП Советува: Почитувајте ги правилата, прописите и сигнализацијата и патувајте безбедно!

Во пресрет на последниот продолжен викенд во Август, РСБСП ги советува возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, но и сигнализацијата – и да патуваат безбедно!


Последниот продолжен викенд од месец Август е пред нас. Убавото и топло време се идеална прилика за организирање продолжен одмор или пократко патување која ќе ја искористат голем број од граѓаните на Република Македонија. Карактеристично за секој продолжен викенд е зголемениот интензитет на сообраќај и поголемата фреквенција на автомобили, од вообичаеното.  За жал, црната статистика повторно нѐ потсетува дека за време на продолжен викенд, особено во летниот период, вообичаено се зголемува и бројот на сообраќајни незгоди и секако бројот на загинати и на повредени лица во сообраќајни незгоди.

Дали црната статистика и потресните стории за загинати и за повредени лица во сообраќајни незгоди ќе бидат реалност после овој продолжен викенд или не, зависи од секој граѓанин поединечно, од секој учесник во сообраќајот, без разлика дали станува збор за возач, патник, велосипедист, мотоциклист, пешак итн.

Почитување на сообраќајната сигнализација и сообраќајните знаци е основно правило за безбедно управување со возилото и претставува гаранција за безбедно одвивање на сообраќајот. 

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и одговорни во сообраќајот, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација, да ги почитуваат сообраќајните знаци, да ги почитуваат правилата за ограничување на брзината и да не управуваат моторно возило под дејство на алкохол. Сообраќајната култура и меѓусебното почитување секогаш треба да бидат на прво место кај секој учесник во сообраќајот.

За добар одмор, убаво поминат викенд и безбедно патување, бидете трпеливи во сообраќајот, прифатете го фактот дека е гужва и подгответе се за колоните возила кои ќе ги има на наплатните рампи и на граничните премини. Внимавајте на престигнувањето и никако не практикувајте слалом возење. Прилагодете ја брзината кон условите на патот. Не престигнувајте на полна линија или кога немате прегледност на патот. Алкохолот, се разбира, е најголем непријател на возачите.

Патувајте одморени и не заборавајте да користете појас. Преземете ги сите неопходни мерки за поголема заштита, за поголема безбедност во сообраќајот, за удобно патување и за убаво поминат празничен викенд.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на  патиштата ви посакува  безбедно патување и безбедно пристигнување на посакуваната дестинација. Не дозволувајте моментите наменети за уживање да се претворат во трагедија.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.