Сподели! ;)

Возењето велосипед е здрав, економичен и еколошки начин за одење од едно место на друго – но да посветиме малку внимание на заедничкото функционирање на автомобилите и велосипедите по нашите улици.


Заедничкото користење на улиците е неизбежно – особено со зголемената бројка на автомобили и велосипеди по нашите улици. Секојдневно сме сведоци на немили настани и зголемен хаос, па со желба барем малку да ја подобриме ситуацијата, настапуваме со неколку совети како за автомобилите, така и велосипедистите.

Првото и основно нешто кое ќе го напоменеме е дека велосипедските патеки не се паркинг места! Упатуваме апел до сите возачи на автомобили да ги ослободат велосипедските патеки и да не ги користат како место за паркирање за своите автомобили!

Понатаму, бидејќи треба да им помогнеме на велосипедистите да бидат и да се чувствуваат безбедни во сообраќајот, го советуваме следното:

  • Бидете подготвени за велосипедистите. Тие се помали и потивки од нашите автомобили, а можат да бидат и релативно брзи, па неретко се случува воопшто да не приметиме дека ни се приближува велосипед. Секогаш имајте во предвид дека од некаде може да се појави велосипед.
  • Бидете внимателни – секогаш користете ги ретровизорите и страничните трепкачи кога менувате коловозна лента или пак вртите лево или десно.
  • Оставете доволно простор – кога заобиколувате велосипедист, не „им се лепете“ позади и оставете доволно простор кога минувате околу нив.
  • Намалувајте ја брзината кога се приближувате до крстосници.
  • Бидете трпеливи.

Една од најважните работи кои треба да ги научиме, е како правилно да ја отвораме вратата. Во суштина, Dutch Reach техниката која се учи во авто-школите во (погодувате) Холандија налага вратата да се отвара со десната, наместо со левата рака. Вака едноставно ќе морате да се завртите наназад и да погледнете дали се приближува велосипедист.

Од друга страна – ги замолуваме велосипедистите:

  • Бидете видливи! Опремете го вашиот велосипед со „мачкини окца“ и други рефлективни додатоци, и инвестирајте во некакво осветлување, за да бидете полесно забележливи кога возите велосипед ноќе.
  • Следете го текот на сообраќајот. Не возете во спротивен правец.
  • Почитувајте ги сообраќајните правила. Иако можеби мислите дека црвеното светло на семафорот не важи за вас – верувајте, важи!
  • Секогаш кога можете, користете ги велосипедските патеки. Да, често се случува по нив да одат пешаци, но подобро е да ги едуцирате нив отколку да возите по коловозна лента каде е далеку, далеку понебезбедно.

Обврската сообраќајот да биде безбеден е заедничка. Сите мораме да го дадеме својот придонес, за сите да стинеме онаму каде сме тргнале безбедно, без разлика на одбраниот начин за транспорт.