Сподели! ;)

Според Aston Martin, она што денес го гледаме е доработена верзија на автомобилот кој за прв пат го видовме пред неколку месеци – и новиот автомобил има дискретни, но значителни подобрувања во аеродинамиката.


Доработениот Valkyrie добива нови отвори за воздух поставени меѓу кабината и предните тркала, кои според Aston Martin (и особено Adrian Newey од Red Bull Racing) имаат значителен ефект врз аеродинамиката и затоа станале дел од дизајнот на автомобилот. Во однос на првиот автомобил кој го видовме минатата година, забележуваме и драстично изменети тркала со многу рамен „лик“ кој најверојатно директно влијае на аеродинамиката.

Дополнително, Valkyrie сега има и нови предни светла кои влечат инспирација од Formula 1 (не ни е точно јасно како, бидејќи F1 болидите немаат предни светла) и сега се 30-40% полесни од најлесните светлосни групи кои се достапни во Aston Martin. Истата Lightweight филозофија е искористена и за предната значка – според дизајнерите традиционалната „крилеста“ значка нa Aston Martin била премногу тешка и не одговара на возило од овој профил – па Valkyrie има значка која е „дебела“ само 70 микрони!

Според Miles Nurnberger – дизајнер во Aston Martin – надворешниот дизајн е околу 95% завршен, и многу од она што го гледаме е всушност самата структура на автомобилот. Остатокот од дизајнот кој сè уште не е завршен е подложен  на еволуција и зависи од Adrian Newey и неговата потрага по уште повеќе потисна сила.

Освежениот Valkyrie добива и минималистички ентериер, кој би требало да има доволно простор за двајца возрасни. Седиштата се монтирани директно на подот а возачот и сопатникот седат во „нозете горе“ позиција слична на онаа кај F1 болидите. Управувачот (кој се вади) ги има сите прекинувачи кои се потребни, а на самиот управувач е поставен и OLED дисплеј преку кој возачот ги добива сите потребни информации. Лево и десно, веднаш до А-столбовите се поставени и два екрани кои директно пренесуваат информации „во живо“ од двете надворешни камери кои функционираат како странични ретровизори.

Веќе започнуваат да се јавуваат и шпекулации за погонот на Valkyrie – и според гласини што се шират, мега-автомобилот на Aston Martin ќе има атмосферски 6.5-литарски V12 и електромотор, кои заеднички ќе испорачуваат околу 1130 коњски сили, а автомобилот би требало да тежи околу 1030 килограми.