Ова е сè што знаеме за Project One на Mercedes-AMG – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Ова е сè што знаеме за Project One на Mercedes-AMG

AMG-дивизијата на Mercedes-Benz се подготвува да го лансира својот нов знаменосец – а ова е сè што знаеме за новиот хипер-автомобил на германските мега-тјунери!


Познавачите кажуваат дека Mercedes-Benz паметно ја изигра играта на хипер-автомобили – почека да види што ќе понуди конкуренцијата (а тука зборуваме за Ferrari LaFerrari, Porsche 918 Spyder и McLaren P1, секако) за на крај да понуди продукт кој би требало да е уште поекстремен и поексклузивен. Иако сè уште немаме многу официјални податоци за знаменосецот кој влече инспирација (и многу технологии) од F1, ова е она што го знаеме.

Project One е олицетворение на желбата на Mercedes-AMG да ги донесе F1 технологиите и иновациите директно на улиците. Се шпекулира дека хипер-автомобилот ќе тежи меѓу 1000 и 1300 килограми, а кога официјално беше потврден автомобилот минатиот Септември, Thomas Weber од Mercedes-Benz потврди дека „нема да бидат направени никакви компромиси во однос на емотивната привлечност на овој автомобил.“

Знаеме дека Project One ќе користи (во контекст на нештата) минијатурен, 1.6-литарски турбо-полнет V6 бензинец со хибридна компонента. Моторот влече потекло директно од W07 F1 болидот на Mercedes-AMG. Моторот ќе биде поставен зад возачот и ќе испорачува (верувале или не) 750 коњски сили.  Четири електромотори (два на предните тркала, еден кој ќе биде „асистент“ на турбополначот и еден на интерните компоненти на моторот) би требало да испорачуваат дополнителни  408 коњски сили. Вкупната системска моќност се очекува да биде над 1000 коњски сили, а Project One ќе може да помине околу 50 километри на електрична енергија. Tobias Moers – челникот на AMG – вети дека моторот „ќе врти“ до повеќе од 10.000 вртежи во минута!

Во меѓувреме се појавија шпекулации дека напредниот карактер на погонската единица ќе значи дека сопствениците ќе мораат да ги носат своите автомобили во сервис за екстензивно освежување на моторот на секои 50.000 километри – но сега за сега тоа не е официјално потврдено. Според некои заинтересирани купувачи цената на Project One е околу 2.4 милиони евра – но таа бројка е арбитрарна и неважна бидејќи Mercedes-Benz веќе ги продаде сите 275 примероци кои ќе бидат произведени.

Поврзано:   Пристигна новиот Mercedes-AMG GT Coupe!

Project One ќе биде официјално претставен на Франкфуртскиот Саем на Автомобили во Септември, а првите нарачки ќе бидат испорачани во 2019.

 

 

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.