Женева 2017: Alpine A110 Coupe доаѓа со 1.8 Turbo со 247 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Женева 2017: Alpine A110 Coupe доаѓа со 1.8 Turbo со 247 коњски сили!

Alpine конечно целосно го претстави новиот A110 Berlinette – спортски автомобил со средно поставен мотор кој ќе им се спротивстави на Porsche Cayman и Alfa Romeo 4C.

Новиот А110 е базиран на целосно алуминиумска платформа со исто така алуминиумска каросерија, овозможувајќи му навистина ниска тежина од само 1,080 килограми. Во комбинација со неговиот 1.8-литарски турбо-бензински агрегат кој произведува 247 кс и 320 Nm, новиот Alpine се одликува со навистина импресивен однос на сила со тежина од 231 кс на еден тон, овозможувајќи му забрзување од место до 100 км/ч за 4.5 секунди и електронски ограничена максимална брзина од 250 км/ч.

Агрегатот е усогласен со седум-степен DCT менувач чии односи на степените биле специјално прилагодени за потребите на А110. Тука се три режими на возење (Normal, Sport и Track) кои ги адаптираат моторот, менувачот, управувањето, интервенцијата на системот за пролизгување, звукот од издувниот систем и возачкиот дисплеј според одбраниот сетинг.

Alpine посветиле внимание на усовршување на аеродинамиката, па така новиот А110 располага со комплетно мазен под и функционален заден дифузер кој обезбедува понизок коефициент на воздушен отпор, а истовремено и поголема потисна сила. Коефициентот на воздушен отпор на спортскиот модел е само 0.32 – еден од најниските во сегментот на спортски автомобили.

Лесната шасија користи двојни вилушки за предната и задната суспензија, додека целосно алуминиумските шепи биле развиени од Brembo. Лесните 18-инчни ковани алуминиумски тркала биле создадени од Otto Fuchs додека Sabelt биле одговорни за едноделните седишта во форма на кади кои тежат само 13.1 килограми.

Alpine A110 ќе биде лансиран на пазарот при крајот на оваа година, најпрво во ограничена серија наречена Premiere Edition, а само 1.955 примероци се планирани за производство. Според Alpine, сите планирани автомобили со волан на левата страна се речиси распродадени.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.