Mercedes-Benz го претстави елегантниот E-Class Convertible – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Mercedes-Benz го претстави елегантниот E-Class Convertible

Mercedes-Benz ја комплетираше гамата на E-Class со дебитирање на кабриолет моделот кој им се придружува на седан, караван и E-Terrain изведбите.

Базиран на купе изведбата, но со отстранлив кров на преклопување наместо фиксен, E-Class Convertible претставува елегантен автомобил со дизајн кој ќе му се спротивстави на текот на времето. Мекиот кров е достапен во темно кафеава, темно сина, темно црвена или црна боја и може да се отвори или затвори за 20 секунди при патување со брзина до 50 км/ч. Се складира под преклоплива покривка во багажникот, кој има капацитет од 385 литри со затворен и 310 литри кога е отворен покривот.

За прв пат кај овој модел, Германскиот бренд ќе им овозможи на купувачите опција за погон на сите тркала, наречен 4MATIC. Палетата на мотори се очекува да ги содржи истите погонски единици како купе моделот, вклучувајќи 2.0-литарски турбо-бензински агрегат со 241 кс кај Е300 и 2.0-литарски турбо-дизел со 191 кс кај Е220d верзиите. Тука ќе бидат и 3.0-литарски V6 битурбо бензински мотор со 329 кси 9G-Tronic девет-степена автоматска трансмисија кај Е400 моделот, додека понатаму ќе биде додадена и Е50 AMG варијанта со 400 кс од истиот агрегат.

Исто како и претходно, покрај другите системи новиот E-Class кабриолет ќе може да се добие со AIRCAP системот кој го намалува ветрот во кабината и AIRSCARF греење на вратот од седиштата.

E-Class Convertible ќе ја доживее својата светска премиера на автомобилскиот саем во Женева следната недела, а ќе биде лансиран во продажба во втората половина од годината.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.