PSA Peugeot Citroen потврди дека е во преговори со GM да го купи Opel! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

PSA Peugeot Citroen потврди дека е во преговори со GM да го купи Opel!

Во официјална порака до светските медиуми, PSA Group потврди дека преговара за потенцијално преземање на конкурентот Opel од General Motors!

„PSA потврдува дека разгледува неколку различни стратешки иницијативи со GM, со цел да се зголеми профитабилноста и оперативната ефикасност, вклучувајќи ја и можноста за потенцијално купување на Opel.“ – изјави гласноговорникот на компанијата Bertrand Blaise.

Според извори на Ројтерс, преговорите меѓу GM и PSA би можеле да водат кон спојување на германскиот Opel и PSA – а договорот би можел да биде официјализиран во следните неколку дена. PSA и Opel веќе соработуваат на неколку различни проекти – и заеднички работат на развој и производство на SUV модели и миниванови. Приказната за спојување меѓу PSA и Opel не е нова – францускиот концерн и GM преговараа за француско преземање на германскиот бренд уште во 2013-та година.

Доколку PSA и Opel се спојат, новиот концерн би имал учество од околу 16 проценти на европскиот пазар, и ќе го надмине Renault за да стане втор по големина производител по Volkswagen групацијата. PSA размислува за преземање на Opel со цел да ги зголеми бројките на продажба, но и да добие пристап до инженерингот на Opel и технологиите за електрични возила. За GM, иницијативата да се продаде Opel потекнува од желбата целосно да се напушти компетитивниот европски пазар, особено по одлуката на Обединетото Кралство да ја напушти Европската Унија.

По доаѓањето на Carlos Tavares на чело на PSA, францускиот концерн се врати во профитабилност благодарение на намалување на бројката на модели, но и понуда на поинтересни и попрофитабилни возила. Од друга страна, GM се бори со континуираната непрофитабилност на Opel – европската дивизија на GM пријави загуба од 257 милиони долари во 2016, односно 813 милиони долари во 2015. Opel е под контрола на GM од далечната 1929-та година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.