ГАЛЕРИЈА: Погледнете како се произведува Bugatti Chiron – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ГАЛЕРИЈА: Погледнете како се произведува Bugatti Chiron

Наследникот на Bugatti Veyron се вика Chiron, и веќе знаеме скоро сè за новиот бенчмарк меѓу uber-автомобилите – но сега имаме можност да погледнеме зад кулисите и да видиме како се произведува мега-автомобилот со 1500 коњски сили!

Просечниот рок за испорака на вашиот нов Chiron е околу 9 месеци – во зависност од нивото на персонализација кое го посакувате. Но доколку имате подготвено неколку милиони евра, ќе можете да изберете меѓу 23 бои на екстериерот, 8 варијанти на карбон, 31 различна боја на кожа во ентериерот, 8 различни бои на алкантара – и сето тоа во комбинација со 30 различни видови на опшивки, 18 видови на патосници (сигурни сме дека ниту едни не се гумени) и 11 бои на безбедносните појаси. Секако, бидејќи се работи за Bugatti, не морате да се ограничните на ниту една од „стандардните“ бои, туку можете самите да си изберете индивидуална комбинација на бои и детали.

Кога ќе одлучите како точно сакате да изгледа вашиот Chiron (и ќе ја олесните вашата банкарска сметка за не-баш-незначителна сума), инженерите на Bugatti ќе започнат да работат на вашиот нов автомобил во нивното ателје (да, навистина, се вика Atelier). Овој објект во Molsheim, Франција e дом на Bugatti од неговото основање во 1909-та година, а во моментов само 20 вработени работат на произведување на „најмоќниот, најбрзиот и најлуксузен сериски супер-спортски автомобил“ кој се прави од повеќе од 1800 индивидуални делови.

Сето тоа резултира со автомобил за кој обичните суперлативи не се доволни. Како поинаку да го објасниме податокот дека за потребите на Chiron, Bugatti разви целосно нов динамометар за тестирање на моторот и погогот на сите четири тркала – едноставно, стариот уред кој се користел за потребите на Veyron, не можел да ги издржи 1500-те коњски сили и 1600-те Nm вртежен момент кои Chiron ги има на располагање. Во комбинација со новиот мотор, при тестирање динамометарот произведува електрична струја од 1200 ампери – која фабриката несебично ја испраќа во електричната инфраструктура на Molsheim. Фино од нив, зарем не?

Процесот на производство минува низ 12 различни „станици“, меѓу кои нема никакви преносни траки ниту пак роботи. Редот е предефиниран, а производството започнува со подготвување на погонската единица која доаѓа од фабриката за мотори на Volkswagen групацијата лоцирана во Salzgitter. Процесот завршува со полирање и беспрекорно комплетирање на каросеријата, а сите возила кои ја напуштаат производната лента се тестираат цели 300 километри при брзини кои надминуваат 250 километри на час.

Поврзано:   W16 Mistral е Bugatti Chiron во roadster варијанта

Подготвени за вашиот Chiron?

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.