Совети за безбедно возење во зимски услови – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Совети за безбедно возење во зимски услови

Зимата не значи само снег – значи и екстремно ниски температури, подмрзнати коловози и отежнато одвивање на сообраќајот. Дали сте подготвени?

Со големите снегови и зимските услови на патиштата, добро е да се потсетиме на неколку правила поврзани со подготовката на автомобилот, мерките на претпазливост и возењето во зимски услови. Заедно со нашите пријатели од ВИНЕР Осигурување ви пренесуваме неколку практични и корисни совети за тоа како полесно, поправилно и побезбедно да возите во зимски услови.

Општи мерки за подготовка на возилото за возење во зима

  • Доколку не морате да одите со автомобилот, користење на алтернативен превоз (такси, автобус) во лоши временски услови е секогаш добра варијанта.
  • Бидете сигурни се дека возилото е во исправна состојба.
  • Не го загревајте возилото во затворен простор (како на пример во гаража) – се исложувате на загушување со јаглерод моноксид.
  • Имањето соодветни гуми е мошне важно во зимски услови. Дознајте какви ознаки имаат вистинските зимски гуми.
  • Никогаш не останувајте со недоволно гориво во зима. При евентуалното заглавување во снежно невреме, горивото може да биде клучен ресурс.
  • Проверете го нивото на антифриз, имајте соодветна течност за стакла за зимски услови и проверете дали бришачите за ветробранското стакло се во исправна состојба.
  • Добро запознајте се со временската прогноза и со рутата доколку одите на подолго патување, и известете ги блиските за дестинацијата, времето на поаѓање и планираното време на пристигнување.

Совети за возење на снег

  • Исчистете го снегот од сите стаклени површини на вашиот автомобил. Не ги заборавајте ниту предните и задните светлосни групи!
  • На снег и мраз, за секој маневар е потребно подолго време и растојание – затоа планирајте повеќе простор за кочење, вртење, вклучување, претекнување.
  • Оставете значително повеќе растојание меѓу вашето и возилото пред вас.
  • Забрзувањето и кочењето мора да биде мошне внимателно и успорено, со нежни команди и без нагли движења.
  • За забавување на возилото подобро е да се користи моторното кочење.
  • Доколку кочите, правете го тоа мошне полека, никако нагло или со силен притисок.
  • Лесното давање гас е најдобриот начин да се избегне излизгување и прошлајфување.
  • Не додавајте гас на нагорнини и места со натрупан снег, кал или мраз.
  • Не застанувајте на нагорнина, бидејќи поаѓањето од место на замрзата нагорнина е мошне тешко.
  • На надолнините возете полека, во пониска брзина и користете го моторното кочење.
  • Користи го клима-уредот за брзо одмаглување на стаклата.

Работи кои може да ви користат и е добро да ги имате со себе на подолго патување

  • Полнач за мобилен телефон за во кола
  • Електрична ламба на батерии
  • Кабли за палење
  • Кабли за влечење
  • Лопата за снег
  • Дополнителна топла облека или кебиња и храна

Совети доколку останеш заглавен во снежно невреме

  • Aко заглавиш во снежно невреме остани со возилото. Во секој случај, тоа е најчесто најдоброто засолниште што ќе го имаш, а така и полесно ќе те најдат спасувачките екипи. Мошне е лесно да го загубиш од вид возилото ако се оддалечиш од него во снежна виулица.
  • Ако автомобилот работи, осигурај се ауспухот да не биде прекриен со снег, мраз или кал. Блокираниот издув може да предизвика навлегување на токсичниот јаглерод-моноксид во автомобилот .
  • Заврзи парче облека или платно со јака боја околу антената на колата или заглави го со прозорот. Во темница, можеш да ја оставиш упалена сијаличката која е на кровот од автомобилот, бидејќи не троши многу од акумулаторот. Овие две работи ќе помогнат полесно да бидеш лоциран.
  • Вклучувај го моторот само онолку колку што е потребно да се ублажи неподносливиот студ. Биди мошне економичен со горивото.Во меѓувреме искористи се` што можеш да го заштитиш телото од студот – по потреба дури и весници или друга хартија и навлаки од седиштата.
  • Не ги оставај бришачите во активна позиција, бидејќи може лесно да се залепат на шофершајбната и да се оштетат.
  • Исправи ги гумите и под нив стави цврст материјал, за да може полесно да тргнеш кога патот ќе се расчисти

Бонус совет: Доколку ја извадиш твојата полиса за регистрација во Винер Осигурување во наредниот период, ќе добиеш корисен подарок кој ќе ти помогне во зима – спреј за одмрзнување на шофершајбната, гребалка или зимска течност за бришачите.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.