Спортската дивизија на Mercedes-Benz развива хиперавтомобил кој ќе испорачува над 1000 кс и ќе располага со F1 технологии.

Автомобилот е наречен Project One, и според зборовите на Германскиот производител ќе биде најфасцинантниот автомобил со две седишта кој некогаш излегол на патиштата. Ќе го дефинира чист, но екстремен дизајн и ќе го одбележи 50-тиот роденден на AMG.

Под мускулесто обликуваната каросерија која е развиена во воздушен тунел ќе биде сместен 1.6-литарски V6 мотор со турбо-полнење преземен од нивниот F1 болид и прилагоден за „цивилна“ употреба. Автомобилот, благодарение на бензинецот, заедно со помош на електричен мотор ќе произведува над 1,000 кс. За негово тестирање и развој на управувањето ќе се погрижат Луис Хамилтон и Нико Розберг.

Се очекува да бидат произведени помеѓу 200 и 300 примероци, додека цената се шпекулира дека ќе почнува од околу 2.4 милиони евра, а сепак кружи информација дека речиси сите примероци се веќе продадени. Неговата светска премиера и прво појавување пред јавноста ќе биде најверојатно на автомобилскиот саем во Франкфурт во Септември.