Nissan во Детроит го претстави концептот Vmotion 2.0, кој ја најавува дизајнерската насока по која брендот ќе чекори во иднината.

Концептот се одликува со мускулести форми и остри линии, а на предниот дел доминира три-димензионална форма на V-Motion архитектурата која веќе ги краси моделите Nissan Murano и Maxima. Останатите дизајнерски одлики се лебдечкиот кров со непрекинати стаклени површини, задните врати кои се отвараат во спротивна насока и задните светлосни групи во V-форма.

Vmotion 2.0 е обоен во топла сребрена боја, со бакарни детали, давајќи му на моделот динамичен, но истовремено дискретен изглед. Автомобилот е поставен на меѓуоскино растојание од 2,850 милиметри и се протега во должина од 2,776 милиметри, што го прави само 13 милиметри пократок од моделот Altima, а ние се сомневаме дека служи и за да ја најави нејзината следна генерација.

Спротивно од агресивниот екстериер, ентериерот изгледа навистина просторно и освежувачки со четирите посебни скулптурирани седишта, елементите од дрво на подот и панелите од вратите, необичниот волан со скратен горен дел, и интегрираниот инструмент панел и мултимедијален систем за возачот и предниот патник.