Сподели! ;)

Германскиот производител на луксузни возила се подготвува за нов знаменосец – нов, голем купе-SUV кој во хиерархијата на Audi ќе биде над Q7!

Audi го искористи Саемот на Автомобили во Детроит да го претстави големиот Q8 Concept – и најави дека имаат намера да го пуштат во сериско производство! Големиот Q8 е подолг и поширок од (веќе големиот) Q7 (кој ние веќе многу добро го познаваме), но бидејќи се работи за концепт, во големиот SUV има место само за четири патници. Концептот најавува нова, поагресивна интерпретација на дизајнерскиот јазик на Audi, а големите, 23-инчни тркала одлично ја заокружуваат големината на овој автомобил.

Секако, Audi ја искористи можноста да ги покаже своите нови можности и технологии. Затоа, концептот е придвижуван од хибриден погон кој комбинира 3-литарски турбо-полнет V6 со електромотор и 8-брзински автоматски менувач. Комбинираната моќност е 445 коњски сили и 700 Nm вртежен момент – сосем доволно да го лансираат големиот хибриден SUV до 100 километри на час за 5.4 секунди, па сè до (веќе очекуваната) електронски-ограничена максимална брзина од 250 километри на час. Според стандардизираните мерења на потрошувачката за хибридни возила, Q8 троши само 2.3 литри бензин на 100 изминати километри. Литиум-јонската батерија е поставена во задниот дел и се состои од 104 призматични ќелии. Капацитетот од 17.9 kWh му овозможува на Q8 електрична автономија од 60 километри, а вкупната автономија е до 1000 километри.

Според она што го кажуваат од Audi, концептот најавува сериски модел кој ќе влезе во производство следната година. Интересно!