Сподели! ;)

Концептот на Toyota доаѓа со сопствена вештачка интелигенција, и е еден од најнапредните концептни возила на овогодинешниот CES.

Интересниот Concept-i на Toyota е прв од својот вид – системот за вештачка интелгенција „расте“ заедно со возачот, па така учи и ги менува своите карактеристики во зависност од тоа какво е возењето на оној кој е зад управувачот. Концептот е дизајнира во Calty Design Research центарот во Њупорт Бич, Калифорнија, а футуристичкиот дизајн истовремено најавува, но и крие напредна платформа и модерна технологија.

Како и многу други автономни возила, Concept-i е дизајниран „околу“ возачот. AI системот се вика Yui и може да се поврзе блиску со возачот, и постепено да ги научи неговите навики за возење, дневниот распоред, места каде почесто застанува, итн. Секако, ова оди во прилог на безбедноста, а за тоа се тука хаптички и визуелни стимуланси кои ја следат активноста зад управувачот.

Интерфејсот е поставен централно на конзолата, но наместо екран чувствителен на допир има поедноставен пристап. Според Toyota, Concept-i користи „визуелна репрезентација“ на AI системот кој може веднаш да ги пренесе критичните информации како на возачот, така и на патниците.

Системот користи светлина, звук и допир за да постигне интеракција со сите во кабината. Бидејќи нема класични „екрани“, Concept-i ги пренесува информациите само онаму каде и кога се потребни. На пример – обоените светла во просторот за нозете означуваат дали автомобилот е во нормален или автономен режим на работа. Сите овие технологии функционираат и на екстериерот, па надворешните панели ќе го поздрават возачот кога ќе се доближат, а задниот дел прикажува сигнали на другите учесници во сообраќајот со цел да ги предупреди за несакани ситуации. Интересно е што предниот дел на екстериерот може да ги информира другите учесници дали автомобилот е во нормален или автономен режим.