По освежувањето на регуларниот Golf и жешкиот Golf GTI, Volkswagen го претстави и освежениот Golf R кој сега има на располагање 310 коњски сили и го постигнува бенчмаркот од 100 километри на час за само 4.6 секунди!

Како што знаеме, Golf R може да се добие како хечбек, но и како караван. Најжешката изведба на Golf сега има 10 коњски сили и 20 Nm повеќе, за вкупно 310 коњски сили и 400 Nm вртежен момент – сето тоа од 2-литарски TFSI турбо-бензинец. Силата се пренесува кон сите летири тркала, а можете да изберете меѓу мануелен или DSG менувач. Освежениот Golf R може да постигне 100 километри на час за само 4.6 секунди – бројка која го става во една сосем поинаква класификација.

Интересно е што Volkswagen ја проширува гамата на Golf со нови мотори – па сега обичниот Golf ќе може да се нарача со 1-литарскиот TSI кој испорачува 85 коњски сили – и според официјалните податоци троши само 4.8 литри бензин на 100 поминати километри. Новитет во гамата е можноста да се нарача 2-литарскиот TDI со 150 коњски сили опремен и со погон на сите четири тркала. Оваа комбинација ќе може да се добие и како хечбек, и како караван.