Mazda ја претстави новата CX-5, пристигнува следната година – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Mazda ја претстави новата CX-5, пристигнува следната година

CX-5 е успешна приказна за Mazda – привлечниот и модерен SUV е еден од најпродаваните на јапонскиот бренд. Mazda тукушто ја претстави втората генерација на CX-5 и најави дека продажбата ќе започне следната година!

Веднаш можеме да забележиме дека новиот модел ја следи KODO дизајнерската насока на Mazda, но и дека истовремено влече инспирација од помалиот CX3 и поголемиот CX-9. Според објавените податоци, предниот дел на новиот модел е 10 милиметри поширок, а истовремено изгледа позаострен и модернизиран. Целиот автомобил изгледа поатлетски и подинамичен во однос на тековниот, а особено ни се допаѓа фактот дека иако CX-5 сега е уште поголем, благодарение на дизајнот изгледа покомпактен и поспортски.

Како и екстериерот, и ентериерот добива нов, позатегнат дизајн. Во самите инструменти има 4.6-инчен дисплеј во боја, а 7-инчен дисплеј е поставен врз централната конзола. Купувачите ќе можат да нарачаат и Bose премиум аудио уред, а Mazda Connect системот е тука за да овозможи лесно поврзување со мобилни уреди.

Луѓето од Mazda кажуваат дека новата CX-5 ќе ги добие добро-познатите SKYACTIV бензински и дизел мотори. Сите мотори ќе можат да се комбинираат со 6-степен мануелен или 6-степен автоматски менувач, а купувачите ќе можат да изберат и меѓу погон само на предните и погон на сите четири тркала. Инженерите на Mazda се гордеат со новата, зајакната шасија и подобрената аеродинамика која ја намалува бучавоста.

Секако, со новата Mazda CX-5 ќе можат да се добијат и сите системи за активна и пасивна безбедност, но и системите кои ја подобруваат управливоста на успешниот SUV. Нас тековната генерација на CX-5 не ни е непозната, и со нетрпение ја очекуваме можноста подобра да ја запознаеме новата.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.