Jaguar влегува во електричната игра со новиот I-Pace Concept! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Jaguar влегува во електричната игра со новиот I-Pace Concept!

Британскиот производител и официјално го најави својот влез во играта со електрични возила – иако електричниот SUV базиран на F-Pace сега за сега е само концепт, луѓето од Jaguar потврдуваат дека ќе влезе во сериско производство во 2018.

Jaguar I-Pace Concept тукушто беше претставен пред јавноста – и е официјалниот влез на Jaguar во играта со електрични возила. Возилото го претстави дизајн-директорот на Jaguar – Ian Callum – кој објасни дека спортскиот SUV намерно е дизајниран со Cab-Forward дизајн (односно, со кабината поблиску до предната оска) за да се искористи можноста батериите да се постават под подот. Во нашите очи, електричниот SUV ги зема вистинските детали од F-Pace и навистина изгледа одлично!

Според она што можеме да го видиме, I-Pace ќе нуди многу простор во кабината благодарение на правилното распоредување на електричните компоненти. Секако, свој придонес има и панорамскиот кров кој овозможува уште повеќе светлина да влезе во кабината. Дизајнот на надворешноста ги следи тековните линии на брендот, но со позатегнат, поостар карактер.

jag-f-pace-numbers

Концептот е придвижуван од два електромотори – еден на предната, еден на задната оска. Вкупно испорачуваат 400 коњски сили и 700 Nm вртежен момент, а силата се испорачува кон асфалтот преку перманентен погон на сите четири тркала. Батерија со капацитет од 90 kWh му овозможува на I-Pace автономија од околу 500 километри.

Официјални претставници на Jaguar потврдија дека I-Pace ќе биде претставен во својата финална форма за време на некој саем на автомобили идната година, а продажбата на серискиот автомобил ќе започне во втората половина на 2018. I-Pace ќе има задача да го воведе Jaguar во сегментот на луксузни електрични возила – а од она што можеме да го видиме – Jaguar е подготвен за тоа!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.