ТЕСТ: Volvo S90 D5 Inscription AWD – Скандинавска верзија на луксузот! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Volvo S90 D5 Inscription AWD – Скандинавска верзија на луксузот!

Поминавме неколку денови со новиот луксузен седан на шведскиот производител – и тоа со врвната, Inscription изведба. Прочитајте ги нашите впечатоци од големиот премиум седан!

Погледнете го. Едноставно, само погледнете го. Нема шанси да не ви се допадне новиот S90. Она што Volvo го започна со XC90, сега го продолжува со луксузниот S90 – и токму тука Volvo е во најдобро светло.

Историјата на Volvo со седани е богата. Всушност, во првиот момент кога ќе помислиме на Volvo, помислуваме на големи, привлечни и практични седани и каравани – тука Volvo ја изгради својата репутација, и токму тука не смее да потфрли. Затоа инженерите и дизајнерите на шведскиот бренд ги направија сите можни напори и ги искористија сите технологии кои им беа достапни за да понудат навистина врвен производ. Ја искористија SPA платформата од XC90 и продолжија со истиот дизајнерски јазик, за пред нас денес да го имаме S90, со сите негови квалитети.

Нискиот став и чистите линии гарантираат безвременски дизајн

volvo-s90-face

Во нашите очи, S90 е ултимативната интерпретација на дизајнерската насока на Volvo. Нискиот и широк став на големиот седан му даваат дискретна елеганција која во споредба, како да недостасува кај директните конкуренти. Резервираните линии и чистите површини гарантираат безвременски дизајн кој нема да изгледа застарено за само неколку години, а истовремено пренесуваат доза на рафинираност и елеганција која совршено му прилега на карактерот на автомобилот.

volvo-s90-rear

По неколку денови поминати со S90, навистина немаше агол кој не ни се допадна – дури и задниот дел кој на официјалните фотографии изгледаше малку котраверзно ни стана привлечен. Мораме да им подадеме рака на дизајнерите на Volvo и да им честитаме – одлично си ја завршиле работата. Од предните светла со LED технологија и чеканот на Тор, па до страничните линии и задниот раб на багажниот простор – S90 изгледа како една единствена целина, со јасна намена и јасен карактер.

Минималистички ентериер со квалитетни материјали и добра ергономија

volvo-s90-interior-front

Одиме внатре. Ја отвораме вратата и не пречекува светол и минималистички ентериер. Многу елементи се преземени директно од XC90 – но да бидеме искрени, тоа не е критика. Напротив, ентериерот на големиот XC90 ни е еден од омилените во класата, а неговата интерпретација во S90 е повеќе од успешна. Ентериерот зрачи со својот скандинавски карактер, каде непотребните линии се заменети со чисти и јасни површини и никаде нема прекумерни детали. Всушност, дизајнерите на Volvo работеле на намалување на „бучавата“ од разни копчиња и прекинувачи, па ние изброивме само 6-7 копчиња – сите други контроли се поставени или на големиот централен дисплеј, или на командите пред возачот. Возачкото седиште се нагодува во скоро сите насоки и лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција. Нè изненади израдува прегледноста во S90 – иако ова е голем седан, маневрирањето не е воопшто тешко благодарение на прегледните стаклени површини, чистата форма на автомобилот и мноштвото сензори и камери.

volvo-s90-steering-controls

Ергономијата е одлична – сите команди се лесно достапни и разбирливи, а големиот централен мултимедијален уред е идеален партнер за управување со многуте системи кои S90 ги нуди. Како и секој ваков уред, и оној кај S90 има одредена крива на учење, но сето тоа се случува многу брзо и неговото користење станува едноставно и интуитивно.

volvo-s90-steering-audio

Лесно ќе се снајдете низ многуте менија и ќе ја цените брзината и прецизноста на уредот за навигација, а сето тоа соработува со одличен (ама, навистина одличен) аудио уред од Bowers & Wilkins кој поставува нови стандарди во квалитетот на звукот кој го очекуваме во еден автомобил. Едноставно, мора да се слушне за вистински да се искуси – не постојат зборови со кои можеме да го опишеме.

volvo-s90-interior-rear

На задната клупа (како што и може да се очекува од седан со овие димензии) има повеќе од доволно простор за двајца патници, по потреба и тројца. Има доволно простор како за колената, така и за главите на патниците, а седиштата – исто како и предните – се обвиени во квалитетна и мека кожа. Кога ќе решите да тргнете на пат ви стојат на располагање 500 литри во багажникот. Отворот на багажникот е со правилна форма, но како и кај сите вакви автомобили може да биде недоволно голем доколку треба да пренесете поголеми предмети.

volvo-s90-rear3

D5 турбодизел – 235 коњски сили, Powerpulse технологија и врвна рафинираност

Време е да се движиме. Пред да зборуваме за возењето, да зборуваме малку за моторот и технологиите вградени во него. Наш „партнер“ е 2-литарскиот турбодизел кој ја носи ознаката D5. Моторот нуди 235 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 480 Nm вртежен момент достапни од 1750 до 2250 вртежи во минута. Официјалните бројки зборуваат за забрзување од 0 до 100 километри на час за рамно 7 секунди и максимални 240 километри на час. Силата се пренесува кон сите четири тркала преку 8-степен автоматски менувач кој Volvo го нарекува Geartronic. Она што го издвојува D5 не само од другите мотори на Volvo, туку и од конкурентите е Powerpulse технологијата која е дел од него.

volvo-s90-front4

Еднаш веќе пишувавме за Powerpulse – во суштина системот кој вклучува мал компресор и мал резервоар за компримиран воздух се користи за да се елиминира турбо дупката. При силно притискање на педалата за гас, системот го користи компимираниот воздух за побрзо да ги придвижи турбополначот – и верувајте, системот функционира! Во ред, не можеме да кажеме дека турбо-дупката е целосно елиминирана, но во споредба со директните конкуренти е значително намалена, а тоа го прави S90 многу полесен за возење и имавме значително повеќе доверба во неговите можности при претекнување.

volvo-s90-dials

Официјалните бројки зборуваат за комбинирана потрошувачка од 4.8 литри на 100 изминати километри. За време на нашето тестирање, ние измеривме градска потрошувачка која беше нешто пониска од 10 литри на 100 километри – бројки кои се импресивни со оглед на моќта која е на располагање, но и големината на автомобилот.

volvo-s90-steering-wheel

Сега веќе навистина можеме да се движиме. Она што од прв момент нè импресионираше е рафинираноста со која S90 се движи по скопските улици (кои не се познати како перфектно мазни). Иако нашиот S90 беше на големи, 20-инчни тркала (кои патем, совршено му прилегаат на големиот седан), во кабината е мирно и без непотребно пренесување на вибрации од надворешноста. Тоа се должи на идеално нагодената суспензија која на задната оска е воздушна, па возењето е мирно. Всушност, во кабината е изненадувачки тивко – во услови на градско возење скоро и да не се слуша моторот, а тоа а е вистинска одлика на ваков автомобил.

Ни требаа неколку минути да се привикнеме на големината на S90, но потоа маневрирањето станува лесно. Одличен асистент е и системот за автоматско паркирање, кој ќе ви помогне да го паркирате вашиот автомобил. Поточно – самиот ќе го паркира паралелно или бочно, во зависност од достапното паркинг место. Системот функционира лесно и се покажа како корисен по „набиените“ градски паркинзи.

volvo-s90-interior-front3

Volvo Pilot Assist – Вовед во автономно возење

Сепак, асистенцијата не завршува тука. S90 има вистински ас во својот ракав, а тоа се вика Pilot Assist. Pilot Assist е технологијата за полу-автономно возење која Volvo ја вградува во своите возила, која може да ја преземе контролата врз возилото при брзини до 130 километри на час. Pilot Assist функционира како во град, така и на автопат – и во градскиот метеж може да ја следи насоката на движење, да прикочува и забрзува како што налагаат условите на патот, а на отворен пат е вистински автопилот кој од време на време ќе побара асистенција од возачот, но воглавно без серозни проблеми се снаоѓа со крстарење при легални брзини.

Системот понекогаш бара асистенција, но секогаш примарниот фокус е кон безбедноста. Сè што треба да направите е да стиснете едно копче на управувачот и S90 си ја презема работата – ќе ја следи насоката на движење, ќе прикочи доколку наиде на друго возило и ќе забрза кога патот повторно ќе биде чист. На прв контакт е малку чудно бидејќи не сме навикнати да ја отстапиме контролата, но по само неколку минути станува веќе навика и се прашуваме како сме можеле досега да живееме без ова. На автопат продолжува истата приказна која S90 ја наметнува во градски услови – ова е тивок, комфорен и рафиниран крстосувач со кој би било лесно да се поминат илјадници километри во еден здив.

volvo-s90-interior-front2

Всушност – таков е карактерот на S90. Ова не е автомобил за оние на кои значката им е најважното нешто. Ова е за оние кои можат и сакаат да погледнат чекор подалеку. За оние кои сакаат да уживаат во комфорот, рафинираноста, опуштеноста, врвните технологии и безбедноста. Нашиот тестен модел дојде навистина богато опремен – навистина е тешко да се наведе што сè имаше во нашиот S90 – но верувајте, во ниту еден момент не почувствувавме дека нешто недостасува – од комфорните кожни седишта, до светлата со LED технологија, до големите тркала, системите за активна и пасивна безбедност, уредот за навигација, аудио системот, сончевиот кров и сите други ситници. Ова е вистински премиум автомобил, а опремата го заокружува тој впечаток.

Секако, луѓето од Volvo се горди на безбедноста на своите автомобили (и повторно ја нагласуваме Volvo 2020 стратегијата која налага дека од 2020-тата година нема да има загинати или посериозно повредени луѓе во понов Volvo автомобил). Како што веќе споменавме, S90 ги носи сите најнови системи за активна и пасивна безбедност на Volvo и иако S90 сè уште не е тестиран од страна на EuroNCAP, сигурни сме дека ќе постигне одлични резултати.

S90 е наменет за оние кои имаат малку поинаков пристап кон работите

volvo-s90-rear4

На самиот крај, остануваме со едноставен заклучок – дека новиот S90 е идеалната интерпретација на филозофијата на Volvo. Ова е автомобил наменет за оние кои уживаат во фините нешта. Оние кои сакаат да уживаат во патувањето и да стигнат онаму каде треба во апсолутен мир, опкружени со скандинавски дизајн и најмодерни технологии. Овој автомобил е за оние кои ги сакаат работите малку поинаку – и токму тоа го нуди S90 – вистински луксуз, но малку поинаку. Скандинавски!

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 235 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 480 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски, 8 брзини
  • Максимална брзина: 240 км/час
  • Забрзување 0-100: 7 секунди
  • Должина: 4963 mm
  • Ширина: 2019  mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1443 mm
  • Тежина: 1892 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2941 mm
  • Багажен простор: 500 литри
  • Потрошувачка: 4.8 литри на 100 километри (официјална, комбинирана), 9.6 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: Volvo S90 Momentum T5 A – 61.948 Евра
  • Цена на тестираниот модел: Volvo S90 Inscription D5 AWD – 107.039 Евра
    Повеќе информации: Volvocars.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.