Обично кога зборуваме за брзи седани, мислите ни одат кон автомобили кои доаѓаат од Германија – но според она што го видовме во краткото време кое го поминавме со S60 Polestar – и Volvo има коњ за трки!

Нема друг начин да го кажеме ова – синиот Volvo S60 Polestar со кој поминавме неколку часа изгледа едноставно – одлично! Комбинацијата од одличната сина боја, големите алуминиумски фелни и спортските дотатоци кои го издвојуваат овој S60 од останатите му даваат карактер кој некако ни е несвојствен за Volvo. Брендот кој произведува безбедни, зрели и достоинствени автомобили ни нуди нешто волку.. Сино?

Polestar за Volvo е она што AMG е за Mercedes-Benz, или M е за BMW

volvo-s60-polestar-carclub-frontside

Сепак, пред да зборуваме за нашиот S60 Polestar, да зборуваме малку токму за тој суфикс кој го носи. Polestar е тјунинг-дивизијата на Volvo, исто како што Mercedes-Benz го има AMG и баварскиот BMW го има M. Тоа значи дека инженерите од Polestar се задолжени да го извлечат максимумот од моделите на Volvo, без притоа да ги нарушат вредностите врз кои шведскиот бренд е изграден.

Минатата година, Volvo објави дека го купува Polestar Performance и дека целосно ќе го интегрира во своите активности – а тоа значи дека Polestar задолжен за најзабавните автомобили кои го носат логото на брендот. Polestar веќе понуди свои модификации за новите XC90 и S90, но она што денес го возиме е можеби најекстремната (цивилна) интерпретација на Polestar филозофијата.

volvo-s60-polestar-carclub-rear2

Линиски 6-цилиндри и турбополнач.. Добар почеток!

Значи.. S60 Polestar. Што всушност значи тоа? Кој е рецептот? Земете еден Volvo S60, додадете 3-литарски линиски 6-цилиндерски турбо-бензинец, навијте го да испорачува 350 коњски сили и 500 Nm вртежен момент, попрскајте погон на сите четири тркала и автоматски менувач, и добивате цивилизиран седан кој постигнува 100 километри на час за само 4.9 секунди! Од Volvo!

volvo-s60-polestar-carclub-side

Дизајнот е типично скандинавски – конзервативен, без да биде застарен, но истовремено привлечен и атлетски. Сината боја одлично му прилега на S60 Polestar. Во понудата се уште бела, црвена и сребрена боја – но доколку нарачате S60 Polestar во било која друга боја освен сината, треба да бидете лишени од слобода по скратена постапка.

Големите, 20-инчни Polestar тркала совршено му прилегаат на автомобилот и се обвиени во супер-спортски Michelin Pilot Super Sport пневматици, а зад нив се кријат Brembo сопирачи со 6-клипни шепи и дискови со дијаметар од 371 милиметар. Ова е сериозен, сериозен автомобил.

Комфорен, спортски и созреан ентериер

volvo-s60-polestar-carclub-interior1

Ја отворам вратата и ме пречекува ентериер кој е малку поконзервативен во однос на екстериерот. Спортските седишта се идеални – седечката позиција е на совршена висина, а управувачот е со таман-погодени димензии. Ентериерот веднаш ми се допаѓа – и иако при првиот контакт не можев да погодам што точно толку ми се допаѓа, после неколку минути ми стана јасно. Ова е малку олд-скул ентериер. Нема лебдечки екрани, нема преголеми LCD дисплеи, ниту пак разно-разни играчки. Ова е ентериер кој е наменет за возачите, и како таков, совршено си ја исполнува задачата.

volvo-s60-polestar-carclub-interior3

Моторот се буди и почнуваме да се движиме. Веднаш е јасно дека ова е спортски автомобил – суспензијата е цврста и сите „брчки“ на македонските улици се пренесуваат во ентериерот. Во ниту еден момент не е некомфорно, но доколку сакате „лебдечко“ чувство во вашиот автомобил, сигурни сме дека нема да барате нешто од овој калибар. Го префрламе менувачот во спортскиот режим на работа и Polestar талентот го нагласува своето присуство.

volvo-s60-polestar-carclub-dials

Звукот од издувниот систем се менува, менувачот „држи“ повисоки вртежи и со секое притискање на педалата за гас, S60 Polestar силно граби кон празниот простор пред него. Haldex погонот на сите четири тркала овозможува тракција која еден ваков автомобил едноставно мора да ја има.

volvo-s60-polestar-carclub-rear

Изненадувачки неутрално подвозје – ова не е автомобил за хулигани, ова е спортски седан за господа

Кога ќе го вперите S60 Polestar кон свиоци, изненадува нивото на тракција кое го има – погонот на сите четири тркала и одличните пневматици, како и Ohlins суспензијата одлично си ја вршат работата. „Држењето“ на патот е изненадувачки добро, со оглед на моќта со која располага автомобилот. Управувањето е неутрално, без особена наклонетост ниту кон подуправување, ниту кон надуправување, а Brembo сопирачките се подготвени во било кој момент да ви ја одлепат кожата од лицето.

Всушност, токму тоа е поентата на S60 Polestar – ова не е автомобил кој е замислен да лизга од свиок во свиок, туку да го истакне вистинскиот потенцијал на возачот преку идеална комбинација на спортски компоненти и неутрална шасија. Некои ќе речат дека 350 коњски сили можеби се малку, со оглед на тоа колку нудат конкурентите – но ова е автомобил кој му ласка на возачот, не го преплашува.

volvo-s60-polestar-carclub-frontside3

Спортски но достоинствен – Volvo S60 Polestar им ласка на возачите!

Спортски, но достоинствен. Динамичен, но суптилен. Така би го опишале S60 Polestar. Ова не е манијакален германец кој само сака да го заврти задникот во свиок, ниту пак премоќен американски автомобил на кој единствената силна страна му се долгите прави патишта. Не, ова е една поискрена интерпретација на автомобил наменет за оние кои уживаат во подискретниот пристап на спортските автомобили. Само, нека биде син!

Фотографија: Дејан Маликовски