Официјално: Bentley Bentayga Diesel – првиот Bentley со дизел мотор! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: Bentley Bentayga Diesel – првиот Bentley со дизел мотор!

Интересна индикација на времињата, но и барањата на купувачите е новата изведба на Bentley Bentayga – која воедно е и првиот дизел на британскиот производител на ултра-луксузни автомобили!

Bentley Bentayga Diesel (да, ознаката е толку едноставна) го дели својот 4-литарски V8 турбодизел со Audi SQ7. Тоа значи дека под поклопецот се крие истиот 4-литарски турбодизел со 8 цилиндри, два класични турбополначи и еден електричен „е-booster“ благодарение на кои моторот испорачува 435 коњски сили и 900 Nm вртежен момент.

Големиот и луксузен SUV опремен со овој мотор може да забрза до 100 километри на час за само 4.8 секунди, но за разлика од својата сестра од Инголштад, големиот Bentley не е ограничен на 250 километри на час, туку постигнува максимални 270 километри на час – а сето тоа му ја дава на Bentley Bentayga придавката „најбрзиот дизел SUV на светот.“

Исто како и кај SQ7, моќта се пренесува кон сите четири тркала преку 8-брзински автоматски менувач од ZF. Луѓето од Bentley тврдат дека Bentayga Diesel ќе троши само 7.3 литри дизел гориво на 100 километри – бројка која можеби не е најреалистичната бројка на светот (а за тоа можеме да му се заблагодариме на крајно-необјективниот NEDC), но сигурни сме дека ќе троши значително помалку од верзијата со W12 мотор.

Дали е ова нов ден за луксузните брендови? Нам ни изгледа така.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.