Citroën Cxperience – Иднината на францускиот комфор! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Citroën Cxperience – Иднината на францускиот комфор!

Citroën претстави концепт за голем и комфорен седан – го нарекуваат Cxperience и со него ја најавуваат иднината на комфорот и Advanced Comfort програмата на брендот!

Според Citroen, преку Cxperience тие ќе ја претстават иднината на брендот – и тоа од повеќе аспекти. Со новиот конецепт тие најавуваат како тековниот дизајнерски јазик на Citroen може да се интерпретира и кај поголеми модели. Да, ова е голем автомобил – концептот е долг 4.85 метри, висок само 1.37 метри и има меѓуоскино растојание од 3 метри.

Екстериерот има нагласено динамичен и луксузен лик благодарение на широките и чисти површини, големите 22-инчни тркала и кратки надвисоци. На екстериерот ги издвојуваме активните аеродинамични отвори на предниот браник, конкавниот заден прозорец и вратите кои се дизајнирани да го олеснат пристапот до ентериерот за патниците.

Post-production : Astuce Productions

Post-production : Astuce Productions

Сепак, ентериерот е она што се издвојува кај Citroen Cxperienice – во внатрешноста, голем 19-инчен дисплеј е задолжен за контролирање на многуте функции на автомобилот. Дисплејот може да биде поделен за да понуди различни функционалности за возачот и совозачот. На вратите се монтирани мали камери кои ефективно ги заменуваат страничните ретровизори, а благодарение на предната и задната камера во ентериерот се пренесува 360-степенски приказ од околината околу возилото.

citroen-cxperience-interior2

Понатаму, Citroen ја нагласува својата Advanced Comfort програма. За ова веќе пишувавме, но вреди повторно да ги споменеме новата суспензија и новите седишта. Иако Citroen веќе ги прикажа овие технологии кај специјален C4 Cactus, интересно е да се видат кај поголем автомобил кој сугерира на враќање на големите седани на Citroen.

citroen-cxperience-rear

Cxperience (име кое според нас е не-баш-суптилен омаж на легендарниот CX) е придвижуван од хибриден погон. Системската моќност е 300 коњски сили, а во градски услови има автономија на електрична енергија од 50 километри. Концептот користи 8-степенски автоматски менувач поставен попречно меѓу бензинскиот мотор и електромоторот. Батеријата е поставена под патничката кабина за да не се наруши багажниот простор, а електромоторот е задолжен само за задните тркала.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.