ТЕСТ: Jaguar XF 2.0d 180 Prestige – Чекор Погоре – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Jaguar XF 2.0d 180 Prestige – Чекор Погоре

Моделите на Jaguar секогаш биле дел од британската аристократија – а британската аристократија секогаш барала малку повеќе внимание. Поминавме неколку дена со Jaguar XF – и ова се нашите впечатоци од големиот британски аристократски седан.

Една од најтешките работи за кои треба да зборуваме кога опишуваме еден автомобил е чувството кое го изнудува зад управувачот. Да, можеме да зборуваме за димензии, капацитети, коњски сили и Њутн-метри, но сето тоа не може да го опише чувството кое некој автомобил го предизвикува или не го предизвикува кај нас. Можеби сите тие податоци можат да ги опишат перформансите и некои технички детали, но кога станува збор за емотивниот одговор кој го имаме кон некој автомобил работите се значително покомплицирани.

Втора генерација – алуминиумска платформа, намалена тежина, нови мотори

jaguar-xf-rear1

Сепак, да одиме по ред. Она што денес е пред нас е втората генерација на Jaguar XF. Кога првата генерација се појави во 2007-мата година беше предвесник на „новиот“ Jaguar. Со тогашниот XF, британскиот бренд ја најави својата ренесанса и ги „растресе“ постоечките очекувања од брендот. Всушност, првата генерација беше толку успешна и се нудеше со толку многу различни погонски единици, па остана на пазарот до минатата година. Сето тоа значи дека Jaguar мораше да ја продолжи успешната формула поставена со првата генерација и да понуди автомобил кој ќе ги исполни и надмине очекувањата на постоечките и новите купувачи.

Што значи тоа? За почеток, целосно нова платформа. Новиот Jaguar XF е поставен на новата алуминиумска и флексибилна платформа на која се поставени и други модели на брендот. Интересно – новиот XF е за нијанса пократок од својот претходник, но нуди покомфорен (и поголем) ентериер како и повеќе простор во багажникот. Секако, новата платформа значи и намалена тежина – и тоа кај некои модели за цели 190 килограми, а тоа има позитивно влијание на потрошувачката и агилноста.

Силуетата сугерира дека се работи за вистински премиум автомобил

jaguar-xf-face

Во ред – сега можеме да зборуваме и за дизајнот. Првиот впечаток е дека поголемиот XF наликува на помалиот брат – модерниот XE. Но посветете малку повеќе внимание и ќе забележите дека XF гради врз успешниот дизајн на XE и дополнително ги истакнува динамичните елементи. Особено привлечно изгледа предниот дел со големите и широки отвори за воздух. Долгата силуета сугерира дека се работи за вистински премиум автомобил, а многуте ситни детали ја оформуваат целосната слика.

jaguar-xf-interior-exterior-badge

На средината на маската на ладилникот гордо стои значката на Jaguar, а широките и хоризонтални предни светла нагласуваат доза на спортска динамичност која продолжува околу целиот автомобил. Всушност, гледано од скоро било кој агол, тешко е да се најде замерка за дизајнот – ние можеби би одбрале друга боја и број-два поголеми фелни, но тоа се веќе детали за кои секој самиот одлучува.

jaguar-xf-rear3

Она што не можеме да го игнорираме е начинот на кој Jaguar XF се движи низ улиците. Долгиот автомобил мирно и достоинствено се движи по урбаниот асфалт и доминира со својата аристократска ароганција. Неизбежно го привлекува вниманието, а од сопствениците на други премиум автомобил изнудува љубоморни погледи бидејќи едноставно – изгледа подобро и поинакво во морето од германски метал.

Дискретен, комфорен и достоинствен ентериер

jaguar-xf-interior-front1

Приказната во ентериерот ја следи онаа од екстериерот – екстремно лесно се наоѓа идеална возачка позиција а седиштата нудат одлична странична поддршка. Збор на денот повторно е минимализам – нема непотребни детали, нема нетпоребни „финти“ – туку она што Jaguar го нуди е привлечен, авантгарден и спортски ентериер. Контролите се јасно поставени и лесно-разбирливи, а скоро сите површини се покриени со квалитетни материјали. Ергономијата е одлична, прегледноста задоволителна, а онаа аура на аристократија веднаш станува јасна.

jaguar-xf-interior-rear

Кон задната клупа се пристапуваа лесно благодарение на големите задни врати, а седењето е комофорно и на подолги релации поради комфорниот агол на задниот дел на седиштата. Патниците на задната клупа ќе имаат доволно простор за колената и за главите. По потреба на задната клупа ќе се сместат и тројца патници, но тоа би го препорачале само за пократки релации. Сепак, ова е аристоратски автомобил – навистина нема потреба од тројца на задните седишта. Тие се наменети за некаков Лорд. На располагање на Лордот стојат 540 литри багажен простор (нијанса повеќе од она што директните конкуренти го нудат), достапни преку релативно правилен и голем отвор на багажникот.

2-литарски Ingenium турбодизел – 180 коњски сили, 430 Nm

jaguar-xf-interior-wheel

Океј – зборувавме за дизајнот, зборувавме и за ентериерот. Време е малку да зборуваме за можеби најважното – искуството зад воланот. Како увертира кон тоа ќе биде новиот 2-литарски Ingenium турбодизел кој испорачува 180 коњски сили при 4000 вртежи во минута и здрави 430 Nm вртежен момент од 1750 до 2500 вртежи во минута. На хартија тие бројки можеби и не се огромни – но во реалноста се повеќе од доволни за големиот луксузен седан.

jaguar-xf-interior-dials

Според официјалните податоци, XF опремен со овој мотор и 8-степен автоматски менувач забрзува до 100 километри на час за 8.1 секундa и постигнува максимални 220 километри на час. Сосема респектабилни бројки а меѓу-забрзувањето е подеднакво добро – па движење и со поголеми брзини на автопат не претставува проблем. Дополнително, на автопат XF се покажа како комфорен, тивок и пријатен партнер. Во градски услови на возење измеривме потрошувачка која не надмина 8 литри на 100 километри.

jaguar-xf-rear2

Низ град не може да се избегне големината на XF. Ова е автомобил кој е долг скоро 5 метри и широк повеќе од два метри. Неговата силуета и димензиите едноставно побаруваат внимание и почит. Нашиот модел дојде опремен со предни и задни сензори за паркирање кои навистина го олеснуваат паркирањето, но ние сепак би нарачале и задна паркинг камера.

Чувството зад воланот на Jaguar нема да го измешате со ниту еден друг автомобил

jaguar-xf-front2

Сепак, можеби најсилна страна на XF е динамичноста. Насочете го кон свиоци и XF се пронаоѓа во нив. Големиот автомобил станува помал, се обвива околу вас и ви влева доверба како во сопствените можности, така и во неговите. Иако е електричен, серво-управувачот е прогресивен и директен, менувачот во спортски режим на работа одлично „ги држи“ вртежите во идеалниот распон, а задниот погон гарантира дека искуството ќе биде за паметење. Суспензијата е цврста без да биде непријатно тврда и XF ги апсорбира нерамнините без во ентериерот да пренесе несакани вибрации. Во скоро сите услови XF се однесува неутрално и бенигно, но кога ќе притиснете повеќе веднаш се истакнуваат спортските гени на брендот.

Има нешто посебно кај британските автомобили…

jaguar-xf-interior-front2

Има нешто посебно кај британските автомобили. Британците различно го разбираат и интерпретираат премиумот. За британските производители особено е важно наследството на брендот, неговата историја и педигрето врз кое ги гради новите модели. Во реалноста, станува тешко да се избере меѓу премиум производителите – ќе згрешиме ако кажеме дека некој од нив прави лоши автомобили – но она што го издвојува Jaguar од своите конкуренти е токму неговото педигре, неговата историја и британската резервираност.

jaguar-xf-front

Всушност, тоа можеме многу лесно да го интерпретираме вака – скоро и да не можеме да се сетиме на модел на Jaguar кој и неколку децении по неговата премиера не ни се допаѓа. Дизајните остануваат безвременски, автомобилите се своевидни икони – и едноставно, кул. Токму тоа е XF – голем, горд, британски луксузен седан – кој успева идеално да ја погоди рамнотежата меѓу дизајнот, технологиите и тој непознат, необјаснив момент кој го прави едноставно – кул.

ВИДЕО

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри, 16 вентили
  • Моќност: 180 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 430 Nm / 1750-2000 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски, 8 брзини
  • Максимална брзина: 220 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.1 секунди
  • Должина: 4954 mm
  • Ширина: 2091 mm (со страничните ретровизори)
  • Висина: 1457 mm
  • Тежина: 1595 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2960 mm
  • Багажен простор: 540 литри
  • Потрошувачка: 8 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Jaguar XF 2.0d Prestige – Македонскиот импортер во моментов ги оформува конечните цени на новиот XF. За да не објавиме неточни информации, ве уптуваме во Premium Auto Zentrum. Кога ќе бидат објавени цените, ќе ја објавиме точната цена.
Галерија

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.