Крај за производството на Renault Megane III RS – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Крај за производството на Renault Megane III RS

Renault Sport објави дека по седум години, третата генерација на Megane RS престанува да се произведува.

Лансиран на 2009 Formula 1 Monaco Grand Prix, спортскиот компакт купе модел е произведен во околу 30.000 примероци во фабриката на компанијата во Паленсиа, Шпанија, од каде автомобилите беа транспортирани во повеќе од 30 земји за да дојдат до нивните сопственици. Беше достапен во Европа, како и Јапонија, Кина, Сингапур, Јужна Африка, Австралија и други пазари.

Во текот на производниот век, Megane RS доби неколку ограничени изведби, од кои најтврдокорната е 275 Trophy-R која успеа да го подобри рекордот на Нирбургринг за автомобил со преден погон во Јуни 2014 со постигнато време од 7 минути и 54.36 секунди. Некое време потоа, новиот Honda Civic Type R го намали времето на 7:50.63, а Volkswagen Golf GTI Clubsport S беше уште побрз поминувајќи ја целната линија за 7:49.21.

renault-megane-rs-test-mule-spy-photo

Renault веќе е уловен на улиците како тестира наследник, кој ќе ја замени купе формата за пет-вратна хечбек конфигурација. Официјалното претставување се очекува да биде во текот на наредната година, а се шпекулира дека силата ќе порасне на околу 300 коњски сили. Изгледа дека силата нема да извира од досегашниот 2.0-литарски турбо агрегат бидејќи автомобилот на тоа место ќе добие 1.8-литарски турбо агрегат кој ќе се вградува и во претстојниот модел на Alpine.

Се верува дека Renault Sport планира да го произведува новиот Megane RS со мануелен и седум-степен автоматски менувач со двојна спојка со цел да го задоволи вкусот на сите купувачи. Најинтересната шпекулација се однесува на можноста за вградување на погон на сите тркала, но сеуште е рано за да се знае за сигурно.

Поврзано:   Renault Scenic E-Tech Electric е Европски Автомобил на Годината за 2024!

Најверојатно Renault Sport ќе се одлучи да го претстави целосно новиот Megane RS на автомобилскиот саем во Женева во Март 2017 или подоцна истата година на саемот во Франкфурт во Септември. Продажбата би требала да започне при крајот на истата година или на почетокот од 2018.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.