Неодамна имавме можност да поминеме малку време со врвната изведба на Maserati Ghibli – варијантата S Q4 која крие 3-литарски твин-турбо V6 со потекло од Ferrari кој испорачува 404 коњски сили!

Ова не е нашиот прв контакт со Maserati Ghibli – на почетокот на оваа година имавме можност да го запознаеме Ghibli Diesel и имаме крајно-позитивни впечатоци од големиот спортски GT со дизелско срце. Сега одиме скалило (или две) погоре со врвната S Q4 изведба на успешниот италијански седан.

maserati-ghibli-s-q4-details1

Ајде повторно да се навратиме малку на приказната за Ghibli. Амбициите на Maserati се значително да го зајакне своето учество на пазарот и да земе дел од колачот кој обично „го јадат“ германците. За да го направи тоа, на брендот му требаше модел кој е подостапен од традиционалните модели на гамата, но истовремено ја нуди егзотичната харизма која едноставно се очекува од италијански автомобил.

Доминира храбриот италијански дизајн

maserati-ghibli-s-q4-front2

Исто како и кај црвениот автомобил кој го возевме на почетокот на годината, и кај Ghibli S Q4 доминира храбриот италијански дизајн. Големите отвори за воздух, завлечените линии и намуртените предни светла му даваат на Ghibli доза на агресивност која едноставно недостасува кај неговите директни ривали. Карактерната линија која се провлекува околу целиот автомобил јасно ги истакнува намерите на Ghibli, колковите околу задните тркала го потенцираат сексапилот, а целата слика за динамичен спортски седан ја надополнува задниот дел со дискретниот спојлер извајан во вратата од багажниот простор. Навистина, тешко е да се најдат замерки за дизајнот – ова е чистокрвен, полномасен италијанец!

maserati-ghibli-s-q4-rear2

Спортски ентериер, спортска возачка позиција, спортски дух!

Ја отворам возачката врата и ме пречекува ентериер со традиционален спортски карактер. Комбинацијата од црни панели и кафена кожа делува луксузно и рафинирано, а седиштата се исклучително комфорни. Лесно се наоѓа вистинската возачка позиција – се седи ниско, блиску до подолгата, како во најдобрите спортски автомобили, а големиот Ghibli како да се замотува околу мене. Да, да, дефинитивно би можел тука да поминам многу, многу километри.

maserati-ghibli-s-q4-interior-front

На задните „налегнати“ седишта комфорно ќе патуваат двајца, иако кај некои од конкурентите има повеќе простор за нозете. Сепак, на располагање остануваат истите 550 литри багажен простор како и кај дизелот, а тоа е повеќе од доволно.

maserati-ghibli-s-q4-interior-rear

3-литарски твин-турбо V6 со потекло од Ferrari, 404 коњски сили, 4.8 секунди „до стотка!“

Сепак, време е да зборуваме малку за моторот и за искуството зад воланот. Под предниот поклопец се крие модерен (и „вокален“) 3-литарски Twin-Turbo V6 бензинец. Моторот (кој го изработува Ferrari за потребите на Maserati!) испорачува 404 коњски сили при 5500 вртежи во минута и одлични 550 Nm вртежен момент достапни од само 1750 вртежи во минута.

maserati-ghibli-s-q4-front

Силата се пренесува кон сите четири тркала благодарение на Q4 системот, а задолжен за пренос на брзините е 8-степен автоматски менувач со потекло од ZF. Секако, доколку сакате можете и самите да ги менувате брзините преку лопатките поставени зад управувачот – а ако изберете да го правите тоа ќе бидете наградени со значително поголема инволвираност во возењето и звучни ефекти кои ќе направат да ви се исправат влакната на рацете.

maserati-ghibli-s-q4-front4

Звук!

Во ред, го стартувам моторот и тој веднаш става на знаење дека е разбуден и подготвен. Започнувам да се движам и искуството е крајно цивилизирано – ја нема онаа нервозност која бара почит кога возите автомобил со преку 400 коњски сили. Но малку „си играм“ со нагодувањата кои ги овозможува Ghibli – ги ставам автомобилот и суспензијата во спортски режим на работа, и неговиот карактер веднаш се менува. Суспензиајта е поцврста, реакцијата на педалата за гас е заострена, менувачот е поагресивен а звукот.. Звукот е нешто друго. Иако моторите кои имаат турбо-полнач знаат да бидат малку загушени, звуците кои доаѓаат од Ghibli се како ништо друго во класата!

maserati-ghibli-s-q4-rear

Започнувам подобро да го запознавам Ghibli S Q4 и ги барам неговите граници. Работете правилно со менувачот и 3-литарскиот V6 подготвено ги ослободува сите 404 коњски сили кога тоа ќе го побарате од него. Изненадувачки, автомобилот се однесува неутрално и нема нагласена наклонетост ниту кон подуправување, ниту кон надуправување. Секако, ако претерам, задниот дел е подготвен да заигра – но сето тоа доаѓа природно, очекувано и контролирано, а чувствителниот управувач влева доверба во можностите на Ghibli. Интелигентниот погон на сите четири тркала во нормални режими на возење ја пренесува силата само кон задните тркала, но кога ќе забележи дека е потребно префрла до 50% кон предните.

maserati-ghibli-s-q4-details2

Ајде малку да зборуваме и за перформансите – благодарение на турбо-бензинецот, 100 километри на час пристигнуваат за 4.8 секунди, а максимално се достапни 284 километри на час. Ова не е спор автомобил! Секако, сето тоа е придружено од соодветна потрошувачка – Maserati официјално тврди дека Ghibli комбинирано ќе потроши 9.8 литри на 100 километри. Возете конзервативно и очекувајте околу 15 литри на 100 километри во градски услови. Возете поагресивно – и небото е лимит.

maserati-ghibli-s-q4-interior-dash

Maserati Ghibli едноставно сака да биде возен спортски. Сака да биде доведен до максимум и да понуди возбуда која само неговиот италијански карактер може да ја обезбеди. Ако дизелскиот Ghibli е малку порационален, но комфорен и егзотичен крстосувач, тогаш бензинскиот Ghibli S Q4 е онаа, налудничавата алтернатива. Тука чука егзотично и моќно срце, обвиено во модерен, остар италијански костум. Ах..

Видео

  • Мотор: 3-литарски Twin-Turbo V6 бензинец
  • Моќност: 404 коњски сили / 5500  вртежи во минута
  • Вртежен момент: 550 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 284  км/час
  • Забрзување 0-100: 4.8 секунди
  • Должина: 4971 mm
  • Ширина: 1945 mm (без странични ретровизори)
  • Висина: 1461 mm
  • Тежина: 1870 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2998 mm
  • Багажен простор: 500 литри
  • Потрошувачка: 9.8 литри на 100 километри (официјална, комбинирана)
  • Цена на тестираниот модел: Maserati Ghibli S Q4 – 94.000 Евра
Галерија

Фотографија: Дејан Маликовски