Jaguar Land Rover ќе лансира флота со повеќе од 100 возила наменети за експериментирање – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Jaguar Land Rover ќе лансира флота со повеќе од 100 возила наменети за експериментирање

Компанијата објави дека ќе лансира флота со повеќе од 100 автономни возила со цел да може во реални услови да ги истражи идните системи за поврзаност и автономно возење на своите модели.

Иницијалните тестови кои се планирани ќе се фокусираат на комуникацијата од возило до возило, но и од возило до околната инфраструктура. Ова ќе им овозможи на возилата да комуницираат меѓусебно, но да комуницираат и со околината околу нив – знаци, семафори, итн. Првите тестови ќе започнат кон крајот на годината.

Понатаму, ќе се работи на развивање на цела лепеза нови безбедносни системи. Првиот систем се нарекува Roadwork Assist и користи предна стерео камера за да генерира тродимензионална слика од патот пред возилото. Оваа слика се анализира за автомобилот да може да препознае бариери и други детали кои обично се користат при изградба и реновирање на патишта. Овој систем ќе се користи за автомобилот да препознае кога се наближува до некаква работа на патот и да го најде најефикасниот пат за да помине низ оваа зона. Системот дури ќе може и да управува со возилото и да го држи во средината на неговата коловозна лента.

Британскиот производител работи и на Safe Pullaway систем кој користи стерео камера за да го надгледува просторот директно пред возилото. Ако има некој објект – на пример ѕид или пак друго возило, сопирачките ќе бидат активирани а возачот ќе биде предупреден да не пробува да забрзува. Понатаму, JLR работи и на еден поголем систем кој го нарекува Over the Horizon Warning кој користи радио сигнали за да им овозможи на возилата да комуницираат меѓусебно – а една од најважните функционалности е кога возило ќе запре или се движи премногу споро, ќе испрати Hazard Alert сигнал до околните возила за да ги предупреди за состојбата.

Конечно, компанијата развива и Emergency Vehicle Warning систем кој е наменет за комуникација меѓу патничкото возило и возилата од итните служби. Кога е повикано соодветно возило од итните служби, возачот ќе добие аудио и визуелен сигнал кој ќе му даде на знаење од која насока доаѓа возилото од итните служби и колку е оддалечено во моментот.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.