Најновата генерација на KIA Sportage прави храбар чекор напред во скоро сите насоки – и со тоа ќе се обиде да ја продолжи успешната приказна на своите претходници. Каква е всушност новата KIA Sportage?

Четвртата генерација на Sportage има прилично тешка задача – минатиот модел беше вистинска успешна приказна за корејскиот производител. Се произведуваше во неколку фабрики низ целиот свет и беше вистинско глобално возило – KIA ја продаваше минатата генерација на Sportage во Европа, Азија, Северна и Централна Америка, како и Австралија. Моделот ги привлекуваше купувачите со модерниот дизајн, богатата опрема и широката лепеза на погонски единици.

Сето тоа значи дека KIA не смее да си дозволи никакви грешки кај новиот Sportage. Успешната приказна мора да продолжи, а тоа значи дека квалитети на минатиот Sportage мора да бидат присутни и кај новиот, но истовремено да бидат и подобрени онаму каде е тоа можно.

Храбар и неконвенционален дизајн

kia-sportage-carclub-rear2

Ајде да започнеме од дизајнот. Новата KIA Sportage настапува со храбар и малку неконвенционален дизајн. Дизајнот нема да биде по сечиј вкус, но сепак изнудува реакции кај минувачите. Ние би одбрале некоја попривлечна боја – нам новиот Sportage ни изгледа одлично во некоја потемна металик боја, но ниту белата на нашиот тестен примерок не е лоша. Предниот дел е нагласено агресивен и ја носи најновата интерпретација на „тигрестата“ дизајнерска насока на KIA, додека страниците се малку поконвенционални. Задниот дел ни изгледа најпривлечно, особено задните светла кои се споени со широка хоризонтална лента и имаат интересна тродимензионална графика.

Привлечен, комфорен и практичен ентериер; комфорна задна клупа, многу багажен простор

kia-sportage-carclub-interior1

Приказната за ентериерот на новиот Sportage е слична како и онаа за екстериерот – веднаш штом ќе ја отворите се забележуваат привлечните дизајнерски детали. Седиштата се привлечни на лик, комфорни за седење и на подолги релации и нудат сосем доволно странична поддршка. Управувачот и менувачот се обложени со кожа, инструментите се прегледни и лесно разбирливи а сите команди се логично распоредени и едноставни за користење.

Некои од пластиките во ентериерот не се идеални, но се далеку од оние груби пластики кои беа препознатливи кај возилата на KIA пред повеќе од 10-тина години. Особено привлечно изгледа управувачот со сите команди поставени на него, а единствената забелешка која ја имаме за функционалноста на ентериерот е дека само возачкиот прозорец има автоматско подигнување.

kia-sportage-carclub-interior3

Друг детал кој навистина ни се допадна е мултимедијалниот уред со навигација. Големиот уред има екран чувствителен на допир со дијагонала од 8 инчи и ги нуди сите информации кои би ви биле потребни. Дополнително, системот за навигација ја прикажува и насоката на движење на малите, еднонасочни улички кои се неизбежен дел од градовите – а тоа навистина го олеснува возењето. Секако, тука се Bluetooth, AUX и USB поврзувањето, за да можете лесно да ја пуштите вашата омилена музика – и сето тоа на одлично JBL озвучување кое е дел од опремата на нашиот тестен модел.

kia-sportage-carclub-navi

Благодарение на зголемените димензии, на задната клупа има изненадувачки многу простор – како за колената, така и за главите на патниците. Задната клупа е идеално димензионирана за двајца патници а по потреба би собрало и тројца. Наслонувачкиот дел на задните седишта се поместува, па лесно ќе најдете комфорна позиција на задната клупа, дури и на подолги патувања.

kia-sportage-carclub-interior4

Кога веќе зборуваме за подолги патувања – на располагање ќе имате багажен простор со капацитет од 503 литри – бројка која е меѓу најголемите во класата и која нараснува на 1492 литри со преклопување на задните седишта. Внатрешниот поклопец за багажниот простор лесно се складира под подот багажникот, па нема да имате пренесување и поголеми предмети.

Sportage одлично се снаоѓа низ град, но истовремено е исклучително комфорен на подолги патувања

Маневрирањето во град е навистина лесно – благодарение на високата возачка позиција прегледноста е одлична и лесно е да ги најдете границите на автомобилот. Дополнително, своја улога имаат и големите странични ретровизори но и сензорите за паркирање кои препорачуваме да ги нарачате. Серво-управувачот е лесен а самото управување е прилично директно иако без повратни информации од подлогата

kia-sportage-carclub-front1

Суспензијата на новиот Sportage скоро идеално го постигнува балансот меѓу комфор во возењето и спортска динамичност. Во ред, навистина нема потреба да очекуваме спортски перформанси од еден SUV, но сепак Sportage може да понуди интересно искуство и зад управувачот. Нема пренагласено навалување во свиоци (во контекст на класата), ниту пак Sportage е непотребно цврст. Суспензијата без приговор ги впива нерамнините од градските улици и нуди сосем задоволителна звучна изолација, дури и на повисоки брзини.

1.7 CRDi – Златна средина!

kia-sportage-carclub-side1

Нашиот тестен модел дојде со 1.7-литарски CRDi турбодизел кој нуди 115 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 280 Nm вртежен момент од само 1250 вртежи во минута. Нашиот став е дека токму овој мотор е идеалната „златна средина“ за Sportage. Техничките податоци велат дека со овој мотор Sportage забрзува до 100 километри на час за 11.5 секунди и постигнува максимална брзина од 176 километри на час – перформанси кои можеби не се толку убедливи на хартија, но во реалниот свет многу позначајни се меѓузабрзувањата – а тука Sportage опремен со 1.7-литарскиот CRDi е вистинската комбинација.

Според официјалните податоци, потрошувачката во градски услови е 5.2 литри на 100 километри – ние измеривме просечна потрошувачка од 6.4 литри, но со максимално дефанзивно и внимателно возење, успеавме да измериме и потрошувачка од само 5.4 литри на 100 километри во град!

Многу опрема, 5 EuroNCAP ѕвездички

kia-sportage-carclub-rear1

Секако, KIA не би била KIA доколку не нуди навистина многу опрема. Нашиот тестен модел дојде во средното, Advance ниво на опрема, а тоа вклучува автоматски двозонски клима уред, електрично подигнување на сите прозорци, електрично нагодување и загревање на страничните ретровизори, алуминиумски фелни од 17 инчни, LED задни светла, затемнети задни стакла, 8-инчен мултимедијален уред со навигација, Bluetooth поврзување, задна паркинг камера, систем за одмрзнување на бришачите на ветробранското стакло, JBL аудио систем, греачи на предните седишта и уште многу, многу други ситници.

kia-sportage-euroncap

Опремата можеме да ја заокружиме со богатата безбедносна опрема која вклучува ESP систем за стабилност, ABS со EBD, систем за контрола на тракцијата, TPMS за следење на притисокот во пневматиците, како и шест воздушни перничиња. Новиот KIA Sportage освои максимални 5 ѕвездички на EuroNCAP тестовите за безбедност.

Таму каде претходникот застана, новиот модел гордо продолжува!

kia-sportage-carclub-front2

На самиот крај, ако мораме да извлечеме заклучок за новиот Sportage ќе кажеме само дека не само што ја продолжува приказната на својот успешен претходник, туку оди и подалеку од тоа. Новиот Sportage изгледа современо и несекојдневно, нуди исклучителна практичност и безбедност, богата опрема и економичен мотор. Во ред, дизајнот на новиот Sportage нема да биде по сечиј вкус, но оние похрабрите кои ќе го направат изборот, навистина нема да згрешат!

  • Мотор: 1.7-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 115 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 280 Nm / 1250 вртежи во минута
  • Менувач: Мануелен, 6 брзини
  • Максимална брзина: 176 км/час
  • Забрзување 0-100: 11.5 секунди
  • Должина: 4480 mm
  • Ширина: 1855 mm
  • Висина: 1645  mm
  • Тежина: 1500 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2670 mm
  • Багажен простор: 503 литри
  • Потрошувачка: 6.4 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: KIA Sportage 1.7 CRDI 2WD Advance – 22.990 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски