ТУРБО ТЕСТ: Volvo XC 90 T8 Hybrid Inscription – Другата страна на луксузниот SUV – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТУРБО ТЕСТ: Volvo XC 90 T8 Hybrid Inscription – Другата страна на луксузниот SUV

На неодамнешното запознавање со Volvo S90 во Љубљана, имавме можност накратко да ја повозиме и хибридната верзија на големиот шведски луксузен SUV!

Кога минатата година за прв пат седнавме зад воланот на големиот XC 90, впечатоците кои шведскиот SUV ни ги остави беа многу повеќе од позитивни – одличниот дизајн, комфорната и прегледна кабина и сеопфатното чувство на луксуз оставаат слика за навистина компетентен конкурент во класата. Сепак, кога за време на промоцијата на новиот S90 во Словенија имавме можност да седнеме зад воланот на можеби ултимативната изведба на XC 90, не ја пропуштивме шансата и со задоволство поминавме неколку стотици километри со T8 Hybrid.

Плаг-ин хибриден систем кој нуди вкупно 400 коњски сили и 640 Nm вртежен момент!

volvo-xc90-t8-hybrid-rear

Бидејќи и овој модел, исто како и оној кој го возевме беше во Inscription ниво на опрема, нема да губиме многу време околу дизајнот и понудата на дополнителна опрема – на кратко, и тука доминираат воздржаните, едноставни линии кои ветуваат дека дизајнот ќе изгледа безвременски, а од опремата – навистина, тука нема што нема. Нам навистина ни се допаѓа дизајнерската насока во која се движи Volvo, и кога некои од конкурентите експериментираат со непотребно комплицирани линии, освежувачки е да се види дизајн кој по 5 години нема да изгледа застарено – а тоа е вистинскиот атрибут за премиум автомобилите.

volvo-xc90-t8-hybrid-front2

Она што нам ни беше важно е погонската единица. Volvo XC 9o T8 Hybrid е придвижуван од плаг-ин хибриден систем кој комбинира 2-литарски турбо-бензинец со директно вбризгување и електромотор. Бензинецот нуди одлични 318 коњски сили, а електромоторот дополнува со уште 82 коњски сили. Тоа значи вкупна, системска моќност од 400 коњски сили и скоро-инстатно достапни 640 Nm вртежен момент – тоа се бројки кои сме обично навикнати да ги очекуваме кај супер-спортските автомобили! Бензинскиот мотор ги придвижува предните, а електромоторот задните тркала.

Неколку различни режими на работа, прилагодени за сите ситуации

XC90 T8 нуди неколку различни режими на работа. Ставете го во Pure Mode, и XC 90 T8 ќе се движи исклучиво на електрична енергија, и тоа при брзини до 125 километри на час! Доколку батериите се полни, автономијата на електрична енергија е 40-тина километри – што е сосем доволно за дневните потреби на просечниот возач.

Вториот режим е стандардниот, односно хибридниот режим на работење. Тука, по потреба се активира и бензинскиот мотор, а автомобилот нуди одлична комбинација од економичност и перформанси. За оние кои ги сакаат перформансите, тука е Power режимот – во кој сите ресурси се посветени кон забрзувањето, а воздушната суспензија го симнува големиот SUV пониско до подлогата. Активирајте го Power режимот и стиснете ја цврсто педалата за гас и XC 90 T8 ќе ве катапултира до 100 километри за одлични 5.6 секунди и ќе забрзувате до максимални 230 километри на час.

volvo-xc90-t8-hybrid-rear2

За оние кои сакаат да го напуштат асфалтот, тука е Off-Road режимот кој ја дистрибуира моќноста кон тркалата и нуди систем за електронско блокирање на диференцијалите, со што ќе го олесни совладувањето на теренските предизвици – но да бидеме искрени, сигурно нема да одите кон преголеми теренски авантури со вашиот луксузен SUV, нели? Конечно, тука е и Save режимот кој се препорачува да се користи на отворен пат кога батеријата не е потребна. Во овој режим, батериите се полнат за да бидат на располагање за движење низ урбаните средини.

volvo-xc90-t8-hybrid-front

Исклучителна воздушна суспензија – изберете меѓу максимален комфор и изненадувачка динамика

Уште една работа која го издвојуваше хибридниот XC 90 од дизелскиот кој ние го возевме минатата година е и воздушната суспензија. Иако воздушната суспензија може да се добие и со турбодизел изведба, нашиот тестен модел од минатата година ја немаше таа опција, па интересно беше да направиме споредба. Иако и со класична суспензија XC 90 не е некомфорен автомобил, воздушната суспензија е на сосем друго ниво.

Одберете комфорен режим и ќе се чувствувате како да лебдите над нерамнините. Од друга страна, одберете динамичен режим и големиот SUV ќе се прилепи до подлогата, суспензијата ќе стане забележително поцврста и ќе добете агилност која едноставно не ја очекувате кај волку голем (и тежок!) автомобил. Ние дефинитивно би ја штиклирале воздушната суспензија во нашиот XC 90!

volvo-xc90-t8-hybrid-cars

Конечно, бидејќи зборуваме за хибрид – време е да зборуваме малку и за потрошувачката. Доколку сте внимателни со педалата за гас, а батериите се полни – ќе можете да возите на електрична енергија, па ефективната потрошувачка на гориво ќе биде нула литри на 100 километри. Секако, автономијата е ограничена и ваквиот начин на возење бара да се прилагодите на порелаксираниот стил на возење кој движењето на струја го наметнува. Ние, со нормално возење во градски услови измеривме просечна потрошувачка која се движеше околу 10.5 литри на 100 километри – бројки кои можеби на прв поглед се високи, но верувајте – тоа се одлични бројки за голем SUV кој може да забрза до 100 километри на час за 5.6 секунди и истовремено (поради батериите) тежи 2300 килограми!

Во T8 Hybrid варијанта, XC 90 е во вистинско светло!

volvo-xc90-t8-hybrid-front3

Хибридните автомобили стануваат неизбежен дел од нашето секојдневие, а кога комбинацијата е толку добра, навистина е тешко да се најде некаква замерка. Турбо-бензинецот работи мирно и рафинирано, а неговото вклучување и исклучување е скоро незабележително. Скандинавските карактер и дизајн се силни атрибути кои XC 90 ги има на својата страна, а во комбинација со T8 хибридниот погон, шведскиот SUV е во вистинското светло.

  • Мотор: 2-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри + Електромотор
  • Моќност: 318 коњски сили / 5700 вртежи во минута + 82 коњски сили
  • Вртежен момент: 400 Nm / 2200 – 4500 вртежи во минута + 240 Nm
  • Максимална брзина: 230  км/час
  • Забрзување 0-100: 5.6 секунди
  • Должина: 4950 mm
  • Ширина: 2008 mm / 2140 mm со странични ретровизори
  • Висина: 1776 mm
  • Тежина: 2300 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2984 mm
  • Багажен простор: 670 – 1886 литри
  • Потрошувачка: 10.5 литри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Volvo XC90 T8 Hybrid Inscription – 125.000 Евра
    Повеќе информации: Volvo.mk


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.