Volkswagen Golf GTI Clubsport S е најбрзиот автомобил со преден погон на Nürburgring! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Volkswagen Golf GTI Clubsport S е најбрзиот автомобил со преден погон на Nürburgring!

Volkswаgen ја слави 40-годишнината на Golf GTI во спектакуларен стил со откривање на GTI Clubsport S кој тукушто го сруши рекордот за најбрз автомобил со преден погон на Nürburgring!

Како што најавивме вчера, Golf GTI Clubsport S е базиран на претходната Clubsport верзија и е опремен со 2-литарски четири-цилиндарски TSI агрегат, но дополнително зајакнат со нова пумпа за гориво, поспортски издувен систем и оптимизирана компјутерска единица. Благодарение на овие модификации, моторот произведува 310 „коњи“ и 380 Nm вртежен момент.

Погонската единица е усогласена со истата шест-степена мануелна трансмисија како стандарната GTI изведба, и ја пренесува силата кон подлогата преку диференцијал со ограничено пролизгување на предните тркала. Сето ова му овозможува на автомобилот забрзување од 0-100 км/л за 5.8 секунди пред да ја достигне максималната брзина од 260 км/ч.

volkswagen-golf-gti-clubsport-s (14)

За да го постигне ова време од 7 минути и 49.21 секунди, што е всушност 1.4 секунди пократко од она на предпродукцискиот Civic Type R и дури 37 секунди пократко од она на Performance Pack GTI, Clubsport S е значително изменет под површината. Благодарение на отстранувањето на задните седишта и поголемиот дел од звучната изолација, тежината е намалена за 30 килограми, додека со користењето на рачен менувач постигната е заштеда од дополнителни 20 килограми во споредба со моделите опремени со DSG трансмисија.

Значајни измени и прилагодувања се направени во суспензијата, која сега содржи адаптивни амортизери калибрирани по специјален сетинг за оваа тркачка патека. Ова значи дека е постигнат идеален компромис кој ги одржува доволно меки за да се справат со разните видови на површини кои го карактеризираат “Зелениот Пекол” и доволно тврди за да обезбедат брзо време. Тука се измени и на геометријата и еластокинематиката на двете оски, заедно со нагибот на тркалата, што резултира со подиректно управување и зголемена доверба на возачот.

Поврзано:   Протекоа фотографии од освежениот Volkswagen Golf

volkswagen-golf-gti-clubsport-s (28)

Сопирачките се исто така преземени од стандардниот Clubsport, но имаат добиено подебели предни дискови и плочки од поцврст материјал за да се справат со зголемената употреба. За разлика од главниот конкурент Renault Megane RS 275 Trophy-R, Clubsport S нема да се продава со тркачки појаси и заштитен кафез, додека клима уредот ќе биде достапен како бесплатна опција.

Што се однесува до изгледот, GTI Clubsport S не се разликува од Clubsport изведбата во ништо друго освен новите 19-инчни Pretoria алуминиумски фелни обвиени во полу-мазни Michelin Sport Cup 2 пневматици. Производството на Golf GTI Clubsport S ќе биде ограничено на 400 примероци, од кои 100 ќе бидат резервирани за Германскиот пазар. Моментално, не е објавена цената по која ќе се продава овој специјален модел.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.