Иџе отиде да си ја подигне втората круна! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Иџе отиде да си ја подигне втората круна!

Иџе викендов е во Порто – каде ќе си ја подигне втората, максимално заслужена и убедливо извојувана круна!

По мала пауза од завршувањето на сезоната во септември, македонската спортска гордост, Игор Стефановски Иџе овој викенд повторно ќе биде во фокусот на вниманието.  В сабота на гала вечерата во хотелот Пестана Паласио во Порто ќе бидат прогласени и поделени титулите за најдобрите во трките на ридски патеки под капата на ФИА за 2015 година. Како шампион во најпрестижното натпреварување – Европското првенство на ридски патеки, нашиот Иџе ќе биде главната ѕвезда на вечерта.

„Еве, по втор пат за две години ќе ја имаме таа чест да го добиеме драгоцениот пехар како круна на уште една успешна сезона . Тешко ми е да се решам која титула ми е подрага, првата ланска или оваа втората што ја освоив со максимален можен број на бодови како потврда на квалитетот. Секако, ова е потврда на одличната работа на сите во тимот, на сите чинители во нашата успешна приказна и возврат на довербата која спонзорите ја имаа во нас“ – вели Иџе.

Тој изминатиов период немаше многу време да ужива во моментите на слава бидејќи во полн ек се разгледуваат можните варијанти за идната сезона и големиот кариерен скок – настап на европските кружни патеки.

„Со двете европски титули на “брдо“ веќе имаме потребно “педигре“ и репутација во европските тркачки тимови на кружни патеки кај кои има расположение да ни ја отворат вратата. Имаме начелни понуди од неколку добри тимови за настап во силни национални и регионални шампионати на кружни патеки, но секако, мојата цел е да го задржам нивото и да ја продолжам кариерата во Европскиот куп на круг, популарниот FIA ETCC. Сепак, како и за се во животот, главната пречка се финансиите затоа што ќе треба далеку повеќе средства и спонзори за да се обезбеди настап во тоа друштво. Тоа ни е најголемата мака и тука ќе се води најголемата борба.“

Заедно со гала настанот, во Порто ќе се одржи и годишниот состанок на ФИА и организаторите на трките од Европскиот шампионат на ридски патеки. Тоа ќе биде прилика Иџе на лице место да се запознае со евентуалните новини во овој шампионат за следната сезона.

„Има некои одредени најави за делумна реорганизација која би водела кон поголема популаризација на ридските трки и европскиот шампионат што би овозможило и поголема конкуренција на асфалтот и поинтересни трки. Ако ништо не се случи со кружните трки, ни останува опцијата да продолжиме во истата дисциплина како и досега, а тоа значи дека ќе јуришаме на трета последователна титула и хет-трик кој  ретко забележан во европските тркачки шампионати“ – додава Иџе.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.