ТЕСТ: Toyota Auris Hybrid – Вонсериска економичност! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Auris Hybrid – Вонсериска економичност!

Урбаниот хечбек на Toyota доби фејслифт кој ветува неколку значителни подобрувања. Ние поминавме неколку дена со најинтересната верзија – хибридната изведба на Auris која ветува исклучителна економичност!

Втората генерација на Auris се појави на пазарот пред неколку години и изнуди како позитивни, така и негативни реакции. Многумина го критикуваа неговиот типично јапонски дизајн кој не најде многу обожуватели на стариот континент. Како и секогаш, Toyota ги слуша своите купувачи и учи од нив, па освежениот Auris нуди затегнат дизајн, но и неколку подобрувања „под кожата“.

Визуелните измени се повеќе од доволни за Auris да изгледа помодерно и поприфатливо за европските купувачи.

toyota-auris-hybrid-carclub-side

Уште при првиот контакт се забележува дека освежениот Auris е модернизиран. Предницата е позатегната и помодерна, со редизајнирани светлосни групи кои изгледаат посовремено. Се забележуваат и други ситни измени кои се проткајуваат околу целиот автомобил, но најважните измени се концентрирани токму околу предниот дел. Подобро-упатените ќе препознаат дека има и нови задни светлосни групи. Визуелните измени не се нешто посебно драстични – но се сосема доволни за Auris да изгледа помодерно и поприфатливо за европските купувачи.

Ентериерот е обвиен со поквалитетни материјали, а подобрена е и звучната изолација.

toyota-auris-hybrid-carclub-rear

Во ентериерот веднаш забележавме дека добар дел од површините се обложени со поквалитетни материјали кои се попривлечни на допир. Заменет е и мултимедијалниот уред кој сега е полесен за манипулирање, но би сакале класични прекинувачи и нагодувачи за основните функции наместо контролите чувствителни на допир – едноставно се полесни за користење и не треба да го тргате погледот од патот пред вас. Од друга страна, седиштата се исклучително комфорни и лесно се наоѓа прегледна возачка позиција. Возачот и совозачот ќе имаат повеќе од доволно место, но на задната клупа има за нијанса помалку простор од просекот во класата.

toyota-auris-hybrid-carclub-interior1

Контролите се јасни и лесни за користење и сите прекинувачи оддаваат чувство на квалитет и неуништливост. Прегледноста е задоволителна, а маневрирањето дополнително го олеснува задната паркинг камера. Единствената забелешка е кон управувачот – би сакале да имаше уште некој сантиметар повеќе можност да нагодување по длабочина. Возачот и патниците имаат на располагање 360 литри багажен простор – повторно, малку помалку од просекот во класата.

Поврзано:   Новата, втора генерација на Toyota C-HR пристигна во Македонија

toyota-auris-hybrid-carclub-interior2

Бидејќи Auris од самиот почеток е предвиден да се нуди и во хибридна варијанта, хибридот има исто толку багажен простор колку и конвенционалните модели. Со спуштање на задните седишта стануваат достапни вкушно 1600 литри багажен простор. Ќе најдете доволно места за одлагање ситници – како што се вашиот паричник или пак мобилниот телефон.

toyota-auris-hybrid-carclub-boot

Хибридниот Auris наметнува опуштено возење и ве предизвикува максимално да ја намалите потрошувачката.

Сега веќе можеме да зборуваме за најважниот детал од нашиот тестен автомобил – хибридниот погон. Кај Auris Hybrid „соработуваат“ 1.8-литарски атмосферски бензинец и електромотор. Вкупно нудат системска моќност од 136 коњски сили и 142 Nm вртежен момент достапни при 4000 вртежи во минута. Дополнителен детал е CVT менувачот со континуирано варијабилна трансмисија кој нуди виртуелно неограничен број на степени на пренос и всушност гарантира дека моторот цело време ќе работи во најефикасниот можен режим. Забрзувањето до 100 километри на час трае 10.9 секунди, а максималната брзина е 180 километри на час.

toyota-auris-hybrid-carclub-frontside

Во возење, комбинацијата од мотор на внатрешно согорување, електромотор и CVT менувач се покажува како успешна. Сепак – едно предупредување до оние кои сакаат подинамично возење – Auris Hybrid не е наменет за вас. Хибридниот Auris наметнува опуштено возење и нуди поинаков вид на забава зад воланот. Она што Auris Hybrid го поставува како предизвик е да пробате максимално да ја намалите потрошувачката во градски услови. Според официјалните податоци Auris Hybrid би требало да троши 3.5 литри бензин во градски услови. Но тргнете со релативно полна батерија и бидете внимателни со педалата за гас – и можете да очекувате и пониско од тоа – ние успеавме да измериме потрошувачка од само 1.8 литри на 100 километри.Сето тоа го постигнавме околу 20 часот навечер, кога сообраќајот е со регуларен интензитет.

Во ред, ако сме искрени, тоа беше со максимално внимателно и дефанзивно возење. Во реалниот свет и во реални услови на возење можете да очекувате просек од околу 4.5 литри на 100 километри, што повторно е одлично за бензинец од оваа класа и успехот заслужува поздрав.

Мора да ја истакнеме и рафинираноста!

toyota-auris-hybrid-carclub-details1

Уште една работа која заслужува поздрав е рафинираноста. Не само заради хибридниот погон, туку и заради очигледно подобрената звучна изолација. Дури и при повисоки брзини во кабината е прилично тивко, а во градси услови вистинско уживање е движење на електричен погон. Единствената забелешка ја имаме кон CVT менувачот кој нуди едноличен звук при агресивно забрзување, но во сите други услови Auris Hybrid е идеално тивок и комфорен автомобил. Суспензијата лесно ги впива нерамнините и во кабината не се пренесуваат многу вибрации.

Поврзано:   Новата, втора генерација на Toyota C-HR пристигна во Македонија

Тестниот модел дојде сосема доволно опремен. Тука е веќе споменатиот мултимедијален уред чувствителен на допир со можност за репродукцијја на MP3 и можност за пуштање музика преку USB, Bluetooth, клима уред, Hill Start Assist, управувач кој се нагодува по висина и длабочина, управувач обложен со кожа, електрика на сите прозорци, загревање на предните седишта и уште многу ситници. Дополнително, Auris е исклучително безбеден автомобил – доаѓа со грст воздушни перничиња, множество на безбедносни системи во форма на ABS, TCS и уште грст други акроними, стандардни ISOFIX приклучоци за детско седиште и уште многу други ситници. EuroNCAP уште кога се појави Auris го тестираше, и тогаш тој освои максимални 5 ѕвездички на овие строги тестирања.

Auris Hybrid е наменет за оние кои се подготвени да уживаат во придобивките од хибридниот погон – како за околината, така и на бензинските пумпи!

toyota-auris-hybrid-carclub-rearside

Auris Hybrid е навистина интересен автомобил, но и несекојдневен избор. Свеста кон хибридните автомобили во Македонија полека но сигурно се издигнува на нивото на кое треба да биде, па сè повеќе купувачи се одлучуваат да купат ваков автомобил. Хибридниот Auris е одличен избор за оние на кои им е потребен непретенциозен фамилијарен хечбек кој одлично се справува со предизвиците на урбаното живеење, но истовремено нуди алтерантива на класичните бензински и дизел мотори.

Хибридните автомобили не се по сечиј вкус, секако, но не ни треба да бидат. Оние кои ќе ги прифатат – ќе можат вистински да уживаат во многуте придобивки од нив – како за околината, така и на бензинските пумпи!

  • Мотор: 1.8-литарски атмоферски бензинец, 4 цилиндри + електромотор
  • Моќност (системска): 136 коњски сили
  • Вртежен момент: 142 Nm / 4000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 180 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.9 секунди
  • Должина: 4330 mm
  • Ширина: 1760 mm без странични ретровизори
  • Висина: 1475 mm
  • Тежина: 1425 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2984 mm
  • Багажен простор: 360 – 1600 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 4.5 литри (измерена, градска) 3.5 литри (официјална, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Auris Hybrid Fancy – 21.990 Евра
    Повеќе информации: Toyota.com.mk
Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Освежениот Toyota GR Yaris е уште помоќен и уште побрз!

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.