ЕП на Ридски Патеки: Иџе втор во Чешка! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ЕП на Ридски Патеки: Иџе втор во Чешка!

Без оглед на прекинот на победничката серија, Иџе е задоволен од освоеното второ место и викендот без проблеми посебно што оваа патека во Чешка му е во многу лошо сеќавање од минатата година!

Најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски Иџе го освои второто место во групата Н па петтата трка од Европскиот шампионат на ридски патеки која се одржа на патеката Еце Хомо, во Штернберг, Чешка. Во многу силна и бројна конкуренција Иџе го повтори резултатот од лани, а побрз од него беше домашниот тркач Јири Лос.

По првото возење, Лос и Стефановски беа речиси изедначени, Чехот имаше време од 3:29.650 минути, а Иџе беше 0,32 секунди побавен. Во второто возење, Лос остана на 3:29.780, а Иџе падна на 3:31.00 со што трката беше решена во корист на домашниот ас. Третото место во нивната група Н го освои уште еден домашен возач, Мартин Јерман со времиња од 3:31.860 и 3:31.580

Големиот број фанови на нашиот возач се навикнаа на неговите победи, посебно по фантастичниот старт на сезоната со 4 победи во 4 трки, но Иџе не го смета овој резултат како некое големо разочарување.

„Тоа е тоа, не можеме цело време да победуваме, понекогаш може да сме и втори – на шега вели Иџе од Чешка. – Тешко е да се победат Чесите на нивен терен, Лос секако е посебно мотивиран да не загуби од мене пред својата публика. Неговото прво возење му беше и најдоброто време воопшто поставено на оваа патека. Мојот резултат беше блиску до неговиот, но во второто возење направив неколку мали превиди на некои свиоци и оттука е послабиот резултат. Тој имаше одбрано потврда компонента гуми од мојата, па можеби и тоа се покажа како клучно во крајниот резултат.“

idze-ceska-rear

По ланскиот карамбол на истава патека кога имаше три удари во заштитната ограда, Стефановски сепак е задоволен што овојпат целиот викенд мина без инциденти, но призна дека се уште ги чувствува последиците од минатогодишната чешка голгота.

“Не можев целосно да се опуштам и концентрирам, ми се враќаа сликите од лани кога минував на свиоците на кои излетував. Ова е тешка и опасна патека и не ќе беше многу умно премногу да се форсира. Од тие причини, задоволен сум од резултатот. Возилото функционираше перфектно, се е во најдобар ред и мислам дека сме добро подготвени за следната трка“ – додаде Иџе.

Вкупно на трката учествуваа 114 возачи од кои во групата Н беа пријавени 15 учесници. Како и обично севкупен победник беше Италијанецот Симоне Фаџиоли со болид Норма Н20 и времиња од 2:46.6 и 2:47.38. Во генералниот пласман, во категоријата 1 каде што се автомобилите, Стефановски го задржа убедливото водство со 118 бода од 5 трки, а сега на второто место е Чехот Јаромир Мали кој победи во групата А и досега има освоено 86 бода. Следната трка се вози за две недели во Лиманова, Полска.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.