ТЕСТ: Citroën C4 Cactus 1.6 BlueHDI Leisure – Едноставно кул! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Citroën C4 Cactus 1.6 BlueHDI Leisure – Едноставно кул!

Новиот C4 Cactus на францускиот производител е навистина различен автомобил, со многу иновативни решенија и невообичаен дизајн – ние поминавме неколку дена со верзијата опремена со штедлив 1.6-литарски BlueHDI со 100 коњски сили!

Citroën има историја со невообичаени и несекојдневни автомобили, а лојалните фанови на брендот со часови можат да зборуваат за легендарниот DS, за иновативниот BX и луксузните CX и XM. Наследството на Citroën се токму овие модели – моделите кои храбро и гордо одеа спроти етаблираните „правила“ и понудија искуство кое привлекуваше со својата различност. Францускиот бренд веќе некое време се обидува повторно да се пронајде себеси меѓу силната конкуренција, како со големиот и достоинствен C5, така и со успешната гама на DS модели. Сега Citroën ќе се бори да освои купувачи во популарниот сегмент на мали урбани кросовери – и овој пат доаѓа целосно подготвен за борба!

citroen-c4-cactus-frontside

Пред нас е Citroën C4 Cactus – автомобил со име кое изнудува насмевки кај сите со кои зборувавме за него. Несекојдневното име е своевидна најава за она што овој автомобил го нуди – неочекувана различност, навистина многу шарм, како и практичност и просторност која обично ја очекуваме од автомобили кои се класа поголеми. Веднаш да разјасниме – немојте да го мешате C4 Cactus со обичниот C4 – Cactus е базиран на (значително продолжена) и малку раширена платформа од Citroën C3.

citroen-c4-cactus-rearside2

Она што веднаш паѓа во очи е несекојдневниот дизајн. Всушност, зборот „несекојдневен“ недоволно го опишува дизајнот на Cactus. Од сите агли автомобилот изгледа различно и на моменти ретро-футуристично. Има многу футуристични моменти, како што се предните светлосни групи и одвоените дневни светла, а некои детали потсетуваат на постарите модели на брендот – одзади C4 Cactus дефинитивно евоцира спомени на популарниот Citroën ZX! Високата суспензија и ниската кровна линија му даваат на Cactus авантуристички дух, како автомобилот да е подготвен да се справи со сите предизвици кои ќе му бидат поставени – нешто што и не е толку невообичаено во урбаната џунгла.

citroen-c4-cactus-rearside

Секако, тука се и AirBump страничните панели кои се наменети да го заштитат автомобилот од несакани удари и гребаници кои веќе започнавме да ги очекуваме по нашите паркинзи. Иако на многумина им изгледаат малку чудно, нам совршено ни одговараат со остатокот од дизајнот, а бидејќи нивната боја можете самите да си ја изберете од неколкуте понудени, можете да направите навистина интересна и привлечна комбинација.

citroen-c4-cactus-interior1

Ги отвораме вратите и нè пречекува ентериер кој е дизајниран во истиот стил како и екстериерот – ретро-футуристички! Седиштата се широки и навистина комфорни (не би смеело да бидат поинакви кај еден Citroën), а возачкото седиште се нагодува и по висина. Управувачот се нагодува по висина но не и по длабочина, но сепак е лесно да се најде комфорна возачка позиција. Всушност, останавме изненадени од тоа колку ниско може да се спушти возачкото седиште.

Пред возачот нема класични инструменти, туку дигитален дисплеј кој ја прикажува моменталната брзина и уште некои информации – а фановите на Star Trek ќе речат дека начинот на прикажување на информациите малку наликува на LCARS системот од ѕвездениот брод Enterprise.

citroen-c4-cactus-interior2

Во средината има голем дисплеј преку кој се контролираат главните функции (клима уредот, радиото, итн) и се гледаат информациите околу возењето – просечната потрошувачка, времето на возење, просечната брзина, уште колку километри може да се помине, итн. Пред совозачот има голема касета за оставање дребулии со горно отворање – воздушното перниче за совозачот е преместено во кровот пред неговото седиште, па ослободен е простор за поголема касета, но и благодарение на понискиот раб на целата конзола – одличен поглед кон патот!

Интересен детал се „точките“ на поклопецот на предната касета кои се всушност гумени и се наменети да можете да го оставите вашиот мобилен телефон на нив, без тој да се лизне и да падне додека се движите. Иновативно и практично!

citroen-c4-cactus-details-interior

Некои од пластиките во ентериерот би можеле да бидат малку помеки, а и централниот мултимедијален уред не е најинтуитивниот кој сме го користеле, но по неколку дена се навикнавме на него и лесно се снаоѓавме низ различните менија и функции. Ни се допадна управувачот кој беше обложен со кожа и пријатен за држење.

На задната клупа има место за двајца патници да патуваат во комфор, а по потреба може да седнат и тројца. Има доволно место како за колената, така и за главите на патниците на задната клупа, која исто така е исклучително комфорна и при подолги патувања. Она што не ни се допадна е отворањето на задните прозорци – кои се отвараат со „пеперутка“ системот.

Возачот и патниците ќе имаат на располагање 358 литри багажен простор – комфорно повеќе од главните конкуренти, и скоро како кај автомобили кои се класа поголеми. Малку е висок работ на багажниот простор, но тоа сме подготвени да го простиме со оглед на дизајнот.

citroen-c4-cactus-interior-rear

Стаклените површини се доволно големи за маневрирањето да биде прилично лесно. Немавме никакви забелешки за возењето во градски услови и паркирањето на тесни паркинг места. На отворен пат C4 Cactus не е ни помалку ни повеќе бучен од своите конкуренти, но се покажа како исклучително комфорен и истовремено промовира релаксиран стил на возење. Придвижуван од нова генерација BlueHDI турбодизел со зафатнина од 1.6 литри и 100 коњски сили, C4 Cactus покажа просечна потрошувачка која се движеше помеѓу 5.2 и 5.5 литри во градски услови – одлични резултати!

Ниската потрошувачка се должи како на економичниот мотор, така и на старт-стоп системот и ниската тежина на автомобилот – Cactus тежи само 965 килограми кога е опремен со основиот мотор – а тоа е цели 200 килограми помалку од компаративниот C4! Забрзувањето „до стотка“ трае 10.7 секунди, а максималната брзина е 184 километри на час.

citroen-c4-exterior-frontback

Управувањето не е најкомуникативно, но управувачот се врти лесно и без напор. Заради повисоката суспензија можете да очекувате и малку повеќе навалување во свиоци, но во никој момент не е некомфорно. Суспензијата лесно ги впива нерамнините од нашите улици и нуди комфор на кој конкурентите можат само да завидуваат. Менувачот е типичен за Citroën – би сакале малку повеќе прецизност и пократок од на рачката од менувачот. Од друга страна, сопирачките се одлични!

citroen-c4-cactus-frontside2

Нашиот тестен модел дојде во Leisure нивото на опременост, кое само едно ниво под највисокото, па благодарение на тоа во автомобилот добивме грст безбедносни системи во форма на ABS контрола на пролизгување, ЕSP контрола на стабилност и еден куп други кратенки кои означуваат разно-разни системи, 6 воздушни перничиња, централно далечинско заклучување, голем мултимедијален уред со Bluetooth поврзување, двобоен управувач обложен со кожа, 16-инчни фелни во црна боја, потпирач за раце, USB и AUX приклучоци, темпомат, кровни носачи, дигитално радио, предни светла за магла и уште многу, многу други ситници. C4 Cactus освои 4 ѕвездички на EuroNCAP тестирањата за безбедност, каде доби одлични резултати во тестираните удари, но изгуби поени заради недостаток на некои од електронските системи за асистенција на возачите кои се достапни само кај поскапи и попремиум модели.

citroen-c4-cactus-details-exterior

Сè на сè, C4 Cactus не е само практичен фамилијарен кросовер, туку и несекојдневен автомобил наменет за младите купувачи кои сакаат да го напуштат секојдневното и да одберат автомобил кој има неколку тони шарм, забележлив дизајн и невообичаено многу карактер – всушност, токму она што сме навикнати да го очекуваме од Citroën.

Одберете ја вистинската комбинација на бои, и ќе бидете сигурни дека сте избрале екстровертен и самоуверен автомобил, кој изгледа како да припаѓа во DS гамата на Citroën. C4 Cactus има ситни недостатоци, но сето тоа сме подготвени да го простиме – благодарение на шармот и карактерот кои ги нуди овој урбан кросовер од иднината. Францускиот производител се враќа на голема врата – ова е Citroën кој толку многу го сакаме!

  • 1.6-литарски турбо-дизелски мотор
  • Моќност: 100 коњски сили / 3750 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 254 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 184 км/час
  • Забрзување 0-100: 10,7 секунди
  • Должина: 4157 mm
  • Ширина: 1706 mm
  • Висина: 1729 mm (1946 mm со ретровизори)
  • Меѓуоскино растојание: 2595 mm
  • Багажен простор: 358 литри
  • Потрошувачка: 5.4 литри на 100 км (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Citroen C4 Cactus 1.6 BlueHDI Leisure – 17.990 Евра
    ЗАБЕЛЕШКА: Во моментот на објавување на овој тест, импортерот одобрува попуст од 1000 евра на секој модел.
    Повеќе информации: Citroen.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.