Официјално: Volvo V40 Cross Country – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: Volvo V40 Cross Country

Во Фебруари годинава Volvo го претстави новиот V40 премиум компакт, а сега тие претставија погруба верзија од моделот, нареченa Cross Country.

Моделот има помажествен изглед со контрастен темен преден браник, вертикални дневни LED светла, товарни шини на покривот, решетки во вид на саќе и поистакнати контрастни странични прагови. Автомобилот е поставен за 40mm повисоко во споредба со стандардниот модел, додека изборот на тркала содржи целосно нови дизајни. Единствените измени во внатрешноста се однесуваат на гамата од поживи бои за тапацирите и централната конзола.

Volvo V40 Cross Country може да биде погонувано од 2.5-литарски, 5-цилиндарски T5 агрегат кој произведува 254 кс и 400 Nm вртежен момент со 40 Nm overboost испорачан во текот на забрзувањето. Оваа погонска единица е поврзана со 6-степен автоматски менувач, овозможувајќи му на автомобилот да забрза од место до 100 км/ч за 6.1 секунда и да има просечна потрошувачка од 7.8 литри на 100 километри. Овој T5 агрегат исто така се нуди во помала варијанта од 2.о-литри со 213 кс и 300 Nm.

Друг избор на мотор би можел да биде 1.6-литарскиот GTDi T4 со 180 кс и максимален вртежен момент од 270 Nm, вклучувајќи и 30 Nm overboost. Опремен со овој агрегат, автомобилот троши 5.5 литри/100 км и има емисија на CO2 од 129 грами на км. На одредени пазари, T4 ќе се нуди во 2.0-литарска 5-цилиндарска конфигурација со 180 кс и 300 Nm вртежен момент. Т4 може да биде усогласен со 6-степена автоматска трансмисија или 6-степен рачен менувач.

Од дизелите, во понуда ќе бидат 2.0-литарски, 5-цилиндарски D4 турбо дизел со 177 кс и 400 Nm, доволно за забрзување од 0-100 км/ч за 8.3 секунди со автоматски менувач или 8.6 со рачен. Има просечна потрошувачка на гориво од 4.4 литри/100 км и CO2 емисија од 117 грами/км за мануелната, додека со автоматската трансмисија троши 5.2 литри/100 км со 137 грами/км CO2 емисија. Тука исто така и 2.0-литарски D3 кој произведува 150 кс и 350 Nm вртежен момент достапен со двата менувачи.

Поврзано:   Volvo го произведе последнoто возило со дизел мотор

Најштедливиот дизел е 1.6-литарскиот D2 агрегат  со 115 кс и 285 Nm, вклучувајќи 15 Nm overboost. Усогласен со 6-степен рачен менувач и стоп/старт систем, му овозможува на V40 Cross Country да има просечна потрошувачка од само 3.8 литри/100 км и CO2 емисија од 99 грами/км.

Новиот Volvo модел ќе ја има неговата светска премиера на овогодишниот Саем во Париз.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.