Официјално: Peugeot 208 GTI! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: Peugeot 208 GTI!

Peugeot официјално го претстави својот натпреварувач во класата на мали спортски возила. Новиот 208 GTI може да се пофали со 200 коњски сили и забрзување до 100 километри на час за помалку од 7 секунди!

Веќе неколку пати пишувавме за 208 GTI, а „обичниот“ 208 ни остави одлични импресии кога ја имавме можноста да се дружиме со него. GTI изведбата е очекуван и логичен чекор напред во гамата на 208, и ние сме навистина среќни што нема никакви измени од концептната верзија до сериската.

Конкретно, под поклопецот на моторот се крие 1.6-литарскиот THP мотор со турбополнач кој испорачува 200 коњски сили и 275 Nm вртежен момент. Ако ја земеме во предвид ниската тежина од само 1160 килограми, овие турбо-хранети коњчиња се доволни за 208 GTI да забрза до 100 километри на час за помалку од 7 секунди, а емисијата на штетни гасови да биде само 145 грама CO2 на изминат километар.

GTI изведбата се издвојува благодарние на поспортската надворешност, големите 17-инчни тркала со гуми во димензија 205/45-17 и ситните спортски детали кои се приметуваат како на надворешноста, така и во внатрешноста. Она што ќе ги израдува автомобилските ентузијасти е дека ESP системот за контрола на стабилноста може целосно да се исклучи и да се добие повеќе на спортското уживање.

Појавувањето на 208 GTI ќе биде проследено и со лимитирана серија на овој модел. Само 50 примероци ќе бидат произведени од Limited Edition серијалот, во уникатна бела боја и со специјални 17-инчни тркала, додека во внатрешноста покрај спортските акценти ќе се појави и навигациски уред.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави новиот 9X8 со кој ќе се натпреварува на Endurance трките!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.