Oфицијално: Lamborghini Urus – Новиот Италијански SUV! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Oфицијално: Lamborghini Urus – Новиот Италијански SUV!

Само неколку дена откако се појавија првите фотографии од Urus, сега имаме многу повеќе информации за новиот SUV на Lamborghini!

Lamborghini Urus, или внатрешно познат како LB736 ја најавува третата моделска линија на Lamborghini, односно SUV моделот кој според познавачите би требало да се појави на пазарот за неколку години. Како што веќе пишувавме, Urus ја следи дизајнерската насока на Lamborghini и без преголеми девијации од насоката ни нуди еден интересен и агресивен SUV кој има цел да ги привлече купувачите со подлабоки џебови, но е прилично сериозно отстапување од досегашните возила на Италијанскиот бренд.

Всушност, еден од одговорните за истражување и развој во Lamborghini – Maurizio Regianni – го кажа тоа најдобро – „Кога започнуваме нова моделска линија, тоа автоматски е ризично бидејќи не се случува често.“

Но што всушност ќе го придвижува Urus? Целосни и официјални податоци сеуште не се објавени, но шпекулациите на тие што ги познаваат работите се дека ќе го придвижува голем V8 мотор со два турбо полначи и околу 600 коњски сили. Иако немаме информации ни за перформансите, можеме само да претпоставиме дека со 600 коњски сили, тие воопшто нема да бидат за потценување.

Од друга страна – веќе ги знаеме димензиите. Urus е долг 4.99 метри, широк е 1.99 метри а висок е 1.66 метри. Компактните димензии најавуваат и одлични возни својства, но од друга страна се најавува дека во внатрешноста ќе има доволно простор за четворица, па дури и на задната клупа.

Но она што е навистина интересно се напредните материјали и техники за изработка кои се користени при развивањето на Urus. Она што е најавено е дека со користењето на овие технологии, тежината е намалена за околу стотина килограми, и дека Urus би требало да е значително полесен од својата конкуренција. Секако, ова ќе влијае и на емисијата на штетни гасови – фактор кој станува навистина важен при одбирањето на било каков автомобил.

Во секој случај, ние му посакуваме добредојде на најмладиот член на Lamborghini фамилијата и му посакуваме многу среќа. Секогаш сме среќни и возбудени кога ќе видиме ново Lamborghini!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.