Премиера: CITROËN C4 Aircross – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: CITROËN C4 Aircross

Новиот C4 Aircross ќе ја доживее својата премиера на авто-салонот во Женева. Но пред да се случи тоа, ние ви ги пренесуваме информациите околу новиот компактен SUV на Citroen!

Веќе во Април, гамата на Citroen ќе се прошири со уште еден модел – а тоа е Citroen C4 Aircross. Како и секогаш, од Citroen можеме да очекуваме авантгарден дизајн и модерни технологии, како и чисти и еколошки прифатливи мотори.

За новиот C4 Aircross, Citroen најавува дека силно ќе влече од идентитетот на марката, дека ќе нуди пренос за сите потреби на возачите, еколошки чисти мотори, одлична просторност и комодитет како и многу модерни технологии.

Да почнеме од самиот почеток – C4 Aircross ќе се нуди со можност за погон на предните, како и на сите четири тркала. Моделите со погон на сите четири тркала ќе можат да изберат помеѓу погон на предните, погон на сите четири тркала, како и да го заклучат преносот на сите четири тркала.

Ова значи дека во 4WD работењето, до 98% од вртежниот момент ќе се пренесува преку предните тркала, а по потреба ако е детектирано пролизгување вртежниот момент ќе биде пренесен онаму каде што е потребен. Ако е вклучена само предната оска, со 2WD работењето, целиот пренос е на предните тркала.

Моторите кои ќе се нудат се модерни и еколошки прифатливи – а најчистиот од нив е HDi 115 моторот со зафатнина од 1.6 литри кој нуди 115 коњски сили и 270 Nm, и ќе емитира само 119 грама CO2 на изминат километар. Ќе се нуди и HDi 150 моторот кој има варијабилно отварање на вентили (кој веќе го знаеме како 1.8 Mivec Diesel моторот кој се нуди во Mitsubishi ASX). Секако, тука се и бензинските мотори, 1.6i со 115 коњски сили, како и 2.0i со 150 коњски сили.

Сите мотори освен дволитарскиот бензинец ќе бидат опремени со Stop&Start технологија, која го исклучува моторот кога возилото не се движи а менувачот е во лер. Кај сите модели ќе биде понуден електронски контролиран алтернатор кој ќе складира енергија при кочење и успорување, како и електричен серво управувач кој користи енергија само кога воланот се врти.

Навистина многу технологија во едно урбано и компактно пакување. Се надеваме дека наскоро ќе го видиме и на Македонскиот пазар!

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.