Peugeot 508 – Французите ја научија лекцијата! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Peugeot 508 – Французите ја научија лекцијата!

Веќе долго време Француските производители се обидуваат да им ги сплеткаат конците на своите Германски конкуренти. За волја на вистината, од време на време тоа и навистина им успева, но сепак ретко кој е доволно храбар да се одлучи да купи големо Француско возило.

Со новиот 508, Peugeot се надева дека ќе привлече повеќе купувачи во своите салони. Дали тоа ќе им успее? Успешниот 407 со својот поларизирачки дизајн или ги привлекуваше или ги бркаше купувачите. Корпоративната маска на Peugeot и не беше толку привлечна за секого. Од друга страна, големиот и луксузен 607 заводнички ги привлекуваше погледите на оние што навистина ги сакаат и познаваат автомобилите. За жал, неговото потекло беше недоволно престижно за повеќето купувачи, па затоа и го избегнуваа.

Со новиот 508, францускиот производител ги заменува и двата модели, и ќе се обиде да го понуди најдоброто од двата светови. Просторот и луксузот во внатрешноста од 607, а надворешните димензии од 407. Останува само уште да провериме дали ова навистина им успеало.

На прв поглед, 508 е навистина различен од својата конкуренција. Големиот отвор за воздух на предната маска помалку потсетува на некои од германските конкуренти, но острите предни светла, меките линии и големиот лав на Peugeot веднаш ви ставаат до знаење дека се работи за Французин, а кај нив филозофијата за луксуз е сосема различна. Од задната страна доминираат големите светлосни групи и големиот знак на Peugeot.  Вратите се отвораат навистина широко, и пристапот во внатрешноста е навистина лесен.

Tука веќе следува изненадувањето – внатрешноста е далеку пред онаа на својот претходник. Сите материјали кои се искористени се навистина примамливи на допир. Никаде нема тврда и крута пластика, а седењето е навистина комфорно и пријатно и при подолги патувања. Според наш вкус, малку превисоко се поставени седиштата, дури и кога се спуштени до максимумот, но од друга страна високата седечка позиција ви помага во чувството  на луксуз, и во прегледноста. Прегледноста е воглавно добра. Големите стаклени површини и големите странични ретровизори го олеснуваат движењето и паркирањето. Единствено мораме да забележиме на широките Б-столбови, кои ја намалуваат страничната прегледност. Сепак, откако се навикнавме на нив, се научивме да гледаме околу нив.

Дури и кога во возачкото седиште ќе седи некој надпросечно висок, на задната клупа има сосема доволно место – дури и многу повеќе отколку кај главните конкуренти. За поздрав се дизајнерите на внатрешноста на 508-ката кои се потрудиле максимално да го искористат просторот во внатрешноста. Комфорната задна клупа гарантира дека на патниците нема да им биде непријатно и на подолги патувања.

А ако веќе зборуваме за подолги патувања, радува фактот дека 508 има багажен простор со капацитет од 515 литри – и лесно ќе го собере сиот ваш багаж. Оноа што не ни се допадна е неправилната форма на отворот на багажниот простор.

На пат 508 се однесува токму како што би очекувале. Како и секоја голема лимузина, најдобро се снаоѓа при опуштено возење. Одлично се справува и со поголеми брзини, а при поагресивни зафати со управувачот е склон кон подуправување. Сепак, не би ни очекувале некој ова возило да го вози спортски. Маневрирањето во градски услови е прилично лесно, а возењето на автопат е пријатно и без никакви проблеми. Дволитарскиот турбодизелски агрегат со 140 коњски сили добро се справува со возилото во различни услови на работа, и не’ израдува со потрошувачка која се движеше околу 8 литри на 100 изминати километри во комбинирано возење. Менувачот е малку непрецизен и на воланот му недостасуваат повратни информации од подлогата, но тоа и не е толку важно кај возило на кое примарната цел му е да помине многу комфорни и безгрижни километри.

После сето ова, дали Peugeot 508 е подготвен да се стави во коштец со своите конкуренти? Секако! Французите навистина ја научија лекцијата, и влегуваат во борба со навистина добро изработен, опремен и позициониран автомобил. Можеби дизајнот нема да биде по сечиј вкус, но сепак за вкусовите не се зборува, а ние сметаме дека е навистина добро освежување во класата.

Повеќе детали:

  • Мотор: 2.0-литарски турбодизел.
  • Моќност: 140 коњски сили при 4000 вртежи/минута.
  • Вртежен момент: 320 Nm при 2000 вртежи/минута.
  • Максимална брзина: 210 км/час.
  • Забрзување 0-100: 9.8 секунди.
  • Потрошувачка: 3,9/6,4/4,8 l/100 км (официјална), 8.2 l/100 км (измерена).
  • Цена на тестираниот модел: 25.680 евра.

Напомена: Се извинуваме за недостатокот на наши фотографии, ама не стигнавме да ја сликаме 508-цата. Ама вака изгледаше, само црна. Стварно! :)



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.